Новите модели со вештачка интелигенција „Deathbots“ се хранат со дигиталните отпечатоци што ги оставил покојникот за да му го симулираат неговиот глас, начинот на изразување и карактерот. За градење на аватар со кој може да се комуницира се користат сите гласовни и текстуални пораки, објави на социјалните мрежи и преписки со мејлови и СМС.
Разни техники на создавање илузии имаат длабоки корени во спиритуалните традиции. Вештачката интелигенција ги прави многу поубедливи, комерцијално достапни и профитабилни, вели Симон Натал, теоретичарка на медиуми.
Како дел од проектот „Синтетичко минато“ за влијанието на технологијата врз зачувувањето на личните и колективните сеќавања, истражувачи креирале фиктивни deathbot-ови врз основа на сопствените дигитални отпечатоци.
Она што го откривме беше и фасцинантно и вознемирувачки. Некои системи се фокусираа на зачувувањето на сеќавањата. Тие репродуцираат лични приказни, организирани по теми - како детство, семејство или совети за најблиските. ВИ потоа ја индексира содржината и ги води корисниците низ неа како низ архива, наведуваат авторите.
Други системи ги користат генеративните способности на ВИ за да доловат реални разговори. Врз основа на содржините со кои е нахранет, моделот преку машинско учење го прилагодува својот глас и стилот на комуникација. Така создадениот аватар продолжува да учи од понатамошните разговори и се развива со времето.
Искуството од некои „интимни сеанси“ воопшто не беше интимно. Иако платформите нудат автентично емотивно поврзување, колку што повеќе ги персонализиравме, толку беа повештачки, наведуваат авторите.
Зад овие системи стои внимателно изграден бизнис-модел. Аватарите не се создадени за да дадат утеха, туку за да им заработат пари на фирмите. По почетната комуникација се активира барање за претплата, со премиум опции, кои се поскапи.
Индустријата на дигиталното воскреснување функционира во рамките на економијата на смртта. Податоците на мртвите генерираат вредност уште многу време откако ќе им заврши животот. Платформите ги охрабруваат корисниците „да ја зачуваат нивната приказна засекогаш“, но тие исто така се хранат со емоционални и биометриски податоци за да поттикнат уште повеќе контакти. Сеќавањата прераснуваат во услуга, во интеракција што може да се измери и монетизира, наведуваат авторите.