Nvidia печали и од заканата и од лекот за ВИ

Nvidia стана најбогата компанија во светот продавајќи им чипови на лабораториите што развиваат вештачка интелигенција. Кога нивните агенти со ВИ стигнаа до ниво самите да ги пробиваат безбедносните мерки, Nvidia претстави хардверски систем што може да ги улови и да ги спречи. Во која насока и да тргне индустријата, компанијата за чипови ќе печали пари.

Јенсен Хуанг, извршниот директор на компанијата за чипови, веќе го имал решението кога тврдеше дека загриженоста за безбедноста на напредните модели со ВИ е „врева која не е базирана на наука“ и дека проблемот не може да се реши со поголема регулација или глобална координација.

Nvidia деновиве ја претстави својата нова безбедносна платформа: прекинувач на ниво на чип кој ги „лови“ одметнатите агенти со вештачка интелигенција и ги исклучува за милисекунди. Зад проектот „Отворена платформа за безбедност на агенти“ стојат повеќе од 100 компании.

Џастин Боитано, вториот човек во Nvidia задолжен за ВИ објаснува дека механизмот можел да ги спречи сите инциденти со одметнати ботови, кои пред неколку месеци ја вознемирија јавноста и покренаа кампања за забавување на развојот на ВИ и воведување построги мерки за регулирање.

Боитано не коментираше дали OpenAI или нивниот ривал Anthropic, кои ја кренаа глобалната паника, планираат да го користат новиот систем. И двете компании ги изградија своите империи со чипови на Nvidia.

Веруваме дека овој дополнителен безбедносен слој ќе ѝ овозможи на индустријата безбедно да ги тестира дури и најнапредните системи, изјави Боитано.

Nvidia сега се постави во ситуација да ги продава чиповите што се неопходни за понапредни агенти и механизмот за одбрана од нив. Ако индустријата тргне кон развој, како што инсистира Трамп заради конкуренцијата со Кина – тие ќе продаваат чипови. Ако, пак, во некој момент забави поради безбедносни причини - ќе заработува од механизмот за исклучување.

29 септември 2026 - 13:53