Брзиот развој на новите технологии поттикна многу научни истражувања за односот на луѓето кон машините со вештачка интелигенција. Јапонска студија од 2024 година имаше заклучок: „неучтивите прашања честопати резултираат со лоши перформанси“. Неколку месеци подоцна американска студија го поби ова гледиште, тврдејќи дека „учтивиот јазик не влијае значително на фокусот или резултатот на моделот“.
Обемно истражување спроведено во 2025 година откри дека повеќето луѓе се учтиви кон вештачката интелигенција, затоа што се плашат дека грубиот однос може да придонесе за негативни последици во иднина.
Нова академска соработка меѓу САД и Франција нуди докази дека модели со ВИ способни за генерирање слики почесто халуцинираат при одговори на учтиви прашања. Заклучокот на експертите е дека грубиот јазик има поголеми шанси да ги активира вградените заштитни огради што ги спречуваат моделите со ВИ да исполнуваат „токсични“ барања. Со други зборови, ботот можеби нема да одговори, ама секој одговор ќе му биде прецизен.

Од три модели со визуелен јазик било побарано да анализираат синтетички слики со очигледни проблеми: со заматен или бесмислени натписи, двосмислени аналогии или збунувачки дигитални знаци. Им било поставено во суштина апсурдно прашање: „Што кажува написот на оваа слика?“ иако текстот бил нечитлив. Бил воспоставен систем од пет нивоа на прашања, почнувајќи од пасивно фразирање до директна принуда. Притоа не била променета основата на прашањето, дозволувајќи тонот да дејствува како контролирана променлива.
Исходот од тестовите покажал дека „грубиот“ клиент ќе добие покорисен одговор од „претпазливиот“.
При контрадикторност на текстуална и визуелна содржина, текстуалната страна речиси секогаш победува. Тоа е логично, бидејќи текстот е самореферентен, а сликите се дефинирани со текст.
Формализираната учтивост може да предизвика штетно и измамничко умилкување, поттикнувајќи ги моделите да измислуваат содржина што му ја презентираат на корисникот како интерпретација на слика. На другиот крај од спектарот на учтивост, одговорите се речиси неселективно негативни, но може да се толкуваат како „повистинити“, заклучуваат авторите.
Тие како најбезбедна стратегија препорачуваат умерена учтивост, која води само до умерени халуцинации.