Анкетираат ботови наместо луѓе

Технолошките гиганти од Силициумската долина промовираат машини за синтетизирање на резултати од анкети. Наместо луѓе, на прашањата одговараат нивни „дигитални близнаци“ изградени со вештачка интелигенција. Ветуваат „веродостојни показатели за човековото однесување“ и резултатите од симулирани анкети ги пакуваат како „објективни факти“ 

„Мнозинството луѓе им веруваат на своите лекари“, се заклучува во извештај на Аксиос за политиката за мајчинско здравје во САД, врз основа на резултати од анкета. Проверка на линковите во статијата на Аксиос, како и појаснувањето од порталот објавено подоцна, потврдуваат дека анкетата била компјутерска симулација од стартапот за вештачка интелигенција Aaru. Во анкетата немало одговор од ниту еден човек.

Оваа практиката се нарекува „силициумско земање примероци“ и веќе е раширена. Идејата е едноставна и привлечна. Големите јазични модели можат да генерираат одговори како да се од луѓе, па анкетните агенции ги пуштаат прашањата низ машина, заштедувајќи трошоци и време за реално интервјуирање луѓе. 

Но, ова во основа ја погребува идејата за проверка на јавното мислење, кое е важно за водење на политиката и за општествените науки, и има вредност само ако сумираат верувања и мислења на вистински луѓе. Машинското симулирање на човечки мислења сее недоверба.

Реалното анкетирање станува сè потешка задача. За да се намали маргината на грешка, потребно е да се соберат многу одговори од репрезентативен примерок на населението. Луѓето сè поретко одговараат на телефон или трошат време на пополнување прашалници на интернет. За да ги надминат овие проблеми, анкетарите се потпираат на статистички модели за да ги земат предвид варијаблите што можат да ги искриват резултатите.

Тој процес е несовршен и неуреден. Ако анкетарот, на пример, сака да открие колку луѓе поддржуваат одредена политичка мерка и добие одговори од 80% членови на една партија и 20% од друга, ги прилагодува резултатите кон перцепираната реалност дека односот на партиите е пола-пола. Тоа значи дека процентите објавени како резултати се последица на моделот, а не на вистински бројки од истражувањето.

Нејт Кон, главниот политички аналитичар на Њујорк тајмс, во 2016 година спровел експеримент во кој им пет анкетари им дал исти податоци од изборни листи. Поради различните модели, резултатите се разликувале за 5%, што е повеќе од маргината на случајна грешка. Тоа сугерира дека анкетарите може да изберат модел што би ги насочил анкетите во одредена насока за да се изврши влијание врз јавно мислење, наместо само да се известува.

Анкетирањето со ВИ ги влошува проблемите, но зад нив стои индустрија со многу пари. Компаниите што ја нудат оваа услуга се множат, со стотици милиони долари од најголемите фирми во Силициумската долина.

Ипсос соработува со Универзитетот Стенфорд за да биде пионер во употребата на ВИ и синтетички податоци во истражувањето на пазарот и јавното мислење преку создавање „дигитални близнаци“ - виртуелни испитаници од анкети во реалниот свет. Галуп соработува со семплерот Simile за да создаде 1.000 „дигитални близнаци“ за клиентите.

9 април 2026 - 12:41