
Комичарот Џон Мулејни вика, „ако зборуваме за инстантно олеснување, откажувањето планови е како хероин... инстант радост.”
И тоа, на интернет можете да најдете и совети како на фин начин да откачите некого: како возрасен, грациозно, професионално, без чувство на вина, па имате објаснувања зошто се луѓето такви, па статии со изјава дека да планираш излегување е тешко, затоа што сите сме зафатени и под стрес. Сепак, останува прашањето – зошто е толку фино чувството? Сепак се работи за пријатели и активности што би требало да сакаш да ги правиш – зошто тогаш не ти е криво, туку ти е супер?
Има едно што се вика социјална анксиозност, ама не мора да значи дека сите ја имаат само затоа што им е поудобно дома пред телевизор отколку надвор. „Социјална анксиозност е кога имаш страв некој да не ти суди или да те отфрли во друштвени ситуации,” објаснува Сајмон Рего, шеф на оддел за психологија во медицинскиот центар „Монтефиоре” во Бронкс. „Многу луѓе со нарушувања со анксиозност се чуваат со избегнување и чувствуваат олеснување кога не мораат да се најдат во ситуација што им е тешка.”
Но, невробиологот Ејми Бенкс, терапевт и автор на Wired to Connect, објаснува дека е совршено нормално да чувствуваш барем малку страв пред социјални функции. Луѓето со социјална анксиозност може да се чувствуваат нервозно и додека трае ситуацијата, а за повеќето, проблемот исчезнува штом ќе пристигнат и ќе влезат во филм. Предизвикот е да се дојде до ова.
Според Бенкс, едно објаснување за радоста на откажувањето е многу едноставно: распоредот на некои луѓе е навистина тежок, па откажувањето планови е најлесен пат до смирувањето кое им е потребно. „Многу луѓе се преценуваат во однос на тоа колку обврски можат да преземат, па откажувањето им е фино затоа што веќе имаат многу работа и им треба една слободна вечер.”
Можно е и да се радувате кога решавате да не одите некаде затоа што тоа е одраз на тоа како ја доживувате личноста на која ѝ откажувате. „Може имаме односи кои не ни изгледа дека ги доживуваме исто како и човекот од другата страна, или не се еднакви, како кога некој постојано ти упаѓа во збор или се наметнува како супериорен,” објаснува Бенкс. „Средбите со тие луѓе можат да бидат стресни или истоштувачки, па може да почувствуваме олеснување кога ќе откажеме затоа што не ни се иде.” Ако е тоа проблемот, тогаш може треба да размислите дали ви се работи на подобрување на тој однос или е во ред да се направи пауза.
А кога личноста е некој што ретко го гледате во живо, може да ви делува како сериозен напор да преминете од повремени пораки и чатови на социјални мрежи, до разговор лице во лице – во споредба со леснотијата на праќањето пораки или скролање по Инстаграм, вистински разговор во живо може да ви изгледа хаотичен и неприкладен.
Како да го исправиме ова, тогаш? Веројатно решението лежи некаде околу правењето на помалку планови. Ако сте навистина зафатени – ама онака преплавени со обврски, не само да се преправате – тогаш не се обврзувајте на работи кои што немате енергија да ги истерате.