Да, некои денови имам и причина да изгледам претставително. Сѐ уште работам, на Зум со клиенти, држам виртуелни часови по пилатес во обид на луѓето да им пружам уште малку нормалност, но дури и во денови кога не предавам, тушот ми е во совршен шпиц.
Звучи како суета. Како врвна површност. Ете, има смртоносен вирус што ја пустоши планетата, здравствените работници облекуваат скафандери за да се грижат за пациенти кои умираат сами, а основните работници маршираат на работа со страв да не се заразат, а сепак - секое утро, јас си ставам маскара и очите ги поминувам со туш. За одење никаде. За гледање никого.
И не е прв пат да си одвојам време за шминка кога шминка треба да ми е последно нешто што ми паѓа на памет.
Имам три јасни спомени од денот на погребот на мојот млад сопруг. Моментот кога воздухот од универзумот го снема и рацете ги ставив преку уста за да го задржам врескањето. Моментот кога одев зад ковчегот со моите две мали деца покрај мене. И моментот пред сите тие моменти, кога во мугри стоев пред огледалото во бањата и си ги исцртав отечените очи со туш.
Има шанса објаснувањето за моето неоткажување од шминка да лежи во тоа дека мојата суета не познава граници. Можеби јас сум таа во хорорите што проверува кармин во ретровизор, без да размисли што има околу нејзе. Би сакала да мислам дека не е така.
Има неколку добри причини што лебдат околу нас, за тоа зошто жените се шминкаат во карантин. Прво, и веројатно најважно, шминкањето никогаш не било за други луѓе. И да. Не се шминкам затоа што сакам да му изгледам убаво на комшијата ако случајно си мафнеме кога ќе се видиме на фрлање ѓубре (ако некои денови тоа ми е хајлајт на социјално изолираниот ден).
Саманта Бордман, лекар, клинички инструктор по психијатрија и асистент-психијатар на Вејл Корнел медицинскиот колеџ вели дека носењето шминка е корисен начин да го одвоиш работниот ден од викендот. За време на изолација, границите меѓу овие денови се заматуваат, а домашната и работната атмосфера се поклопуваат. Ова е супер објаснување, ама не е мојата причина.
Д-р Стјуарт Шанкман, шеф на одделот за психологија во болницата Нортвестерн Меморијал за Њујорк Тајмс има изјавено дека шминкањето може да ти даде чувство на контрола кога она што е надвор не се контролира. Точно, точно. Идејата дека можам да контролирам нешто толку неважно како должина на трепки е неверојатно смирувачка.
Постои и медитативен аспект на шминкањето, на кој не ми ни текна додека не го прочитав објаснувањето на Д-р Бордман. Таа вели, „кога целата намера ни е насочена на една област, и ги користиме рацете, има нешто прекрасно во вниманието што го вложуваме во нешто што прави да се чувствуваме добро и силно.“ И вистина е дека има нешто смирувачко во блендирање и четкање и цртање тенки линии на мала површина. И кога сум зафатена со шминкање, не проверувам ни телефон, а не се ни секирам за следната катастрофа што може да удри. Се шминкам од сите горенаведени причини и од уште една. Се шминкам од истата причина поради која бев нашминкана на погребот на мојот сопруг.
Се сеќавам кристално јасно на моментот кога ги исцртав очите со црн туш и се сеќавам како мислев колку е тоа глупаво. Но, се сеќавам и дека си реков, ако имам туш, можеби нема да плачам - како плачењето на тој погреб да беше знак на слабост. Знам дека не сакав никој да ме види скршена, како внимателно исцртаниот туш и малку руменило да можеа да сокријат колку бев скршена. И памтам дека се погледнав во огледало откако се нашминкав и се видов себеси, видов личност што ја препознавам, врамено наспроти ден што се раѓа, а не личеше на било кој ден што сум го доживеала претходно.
Носам шминка за време на карантин, не заради комшијата и не затоа што ќе прелажам некој дека сето ова не ми влијае, туку затоа што на крајот на денот, морам да знам дека дури и ако светот околу мене не личи на ништо што би го препознала, можам во огледало да видам лице што го препознавам, личност што не изгледа како странец, да видам жена што не избледела во позадината, која е упорна и фокусирана и нескршлива барем на еден мал начин.
Во глобална пандемија која менува сѐ што ни било познато, има нешто утешително во тоа.
-Илејн Рот, за scarymommy.com