Зошто публиката не се потресе околу Песочните змии на Игра на тронови

Кога еден измислен свет е густо населен од уникатни и специфични ликови, тешко можеш да ги натераш фановите да се закачат за сите поединечно. А ликови од Игра на тронови за кои што незаинтересираноста може да се сече со нож се Песочните змии, вонбрачните ќерки на Оберин Мартел од Дорн и баш една од нив објаснува зошто.

(Има малце спојлери)

Џесика Хенвик, односно, Нимерија Сенд  дискутира за ова во интервју на Венити Фер, за тоа дека Песочните змии, како што ги викаат сестрите во серијата, не се вклопуваат во телевизиската приказна и зошто фановите речиси веднаш се уморија од нив.

„Мораа одеднаш да воведат три ликови и да ги разликуваат. А кога си ограничен на вовед од две-три реплики по лик, а има четири ликови во таа сцена, тешко е да оставиш впечаток. Некако мораш да му го напикаш ликот на гледачот во фаца, а Игра на тронови е серија што го должи успехот на повеќеслојни, покомплицирани ликови. Тогаш беше крајно фрустрирачки, затоа што има многу потенцијал, а многу од снименото воопшто не се искористи. Тешко беше.“

Песочните змии беа претставени пред публиката во петтата сезона, заедно со сите важни ликови од Дорн, најјужниот дел од Вестерос. А веќе имаше огромна екипа актери, многу семејства што веќе се обработени до детал, и секој подзаплет за Дорн остана недоразвиен, или воопшто не е ни допрен. А тие што ги следат книгите доживуваат едно масовно разочарување, од проста причина што Дорн е и тоа како важен за приказната.

Хенвик се нервира со недостатокот на внимание за овие ликови, со оглед на тоа што имала премалку материјал за фино да ја развие Нимерија до омилен лик на гледачите. Дури и два пати размислила дали да се врати на снимање за 7-ма сезона.

Очигледно е дека на никој посебно не му беше омилен Дорн и било што од таму за гледање, со исклучок на Оберин Мартел што светот го изжали, за разлика од фактот што едвај да трепнаа кога Нимерија и Обара Сенд брутално беа убиени во втора епизода од седма сезона.

И иако се согласува дека Дорн заслужи подобро претставување во текот на серијата, сепак не жали што прифатила да глуми и да го одмазди харизматичниот Оберин.

„Со оглед на тоа колку простор му беше ослободен на ликот, ми се допаѓа како излезе. Тоа е тоа. Не можам многу да кажам.“

31 јули 2017 - 12:25