Само последната сцена од Супермен треба да се изгледа за да се сфати.
Откако ќе го остави Лекс Лутор во затворот, се издигнува нагоре и лета околу Земјата, далеку над површината. Се слуша музиката на Џон Вилијамс, па Супермен ни се приближува, разгледува наоколу, „нè забележува“ и се насмевнува. И толку. Тој момент го опфаќа сè она што е совршено во Кристофер Рив како Супермен.
Тоа е момент на чиста радост, чиста надеж и чиста пристојност. Маркетингот во 1978 беше дека „ќе поверуваме дека човек може да лета“ и публиката можеше и да верува дека Супермен постои.
Има уште сцени што се на истиот начин совршено постигнати - Лоис Лејн го интервјуира на балконот, за на крај тој да одлета и да се врати како Кларк Кент кај неа дома. Маскиран е, носи очила, скромен, гласот му е потенок, присуството му е помало. И има трема - во тој момент размислува дали да ѝ каже на Лоис кој е реално и го гледаме како се погледнува во огледало, ги трга очилата и целиот говор на телото му се менува. Се трансформира од скромниот Кларк во Супермен, само со подесување на ставот и експресијата.
Можеби и затоа луѓето веруваа дека Лоис не може да види дека Кларк и Супермен се истиот човек. Кристофер Рив успеа да го опфати секој аспект на Супермен - и вонземска суперсила, и имигрант и мирен син на земјоделци.
Самиот Рив има сфатено кој е Супермен:
„Она што го прави Супермен херој не е само дека има сила, туку мудрост и зрелост за таа сила да ја користи мудро. Од актерска гледна точка, така ѝ пристапив на улогата.“