Жулиет Греко - Каков живот!

На 93-годишна возраст, на 23 септември почина музата на боемскиот, повоен Париз, оставајќи зад себе живот како смислен и напишан од романтични франкофили.

Родена е во Монпелје, во 1927 - татко Жерар Греко, џандар од Корзика и мајка од Бордо, Жулиет Лафешин. За да почне приказната филмски, го имаме фактот што мајка ѝ не ја сакала и постојано ја потсетувала „Не си ми ќерка, ти си дете од силување.“ Заедно со постарата сестра, ја израснале баба ѝ и дедо ѝ во Бордо, и откако починале, мајка им ги земала да живеат со нејзе во Париз.

Кога почнува Втората светска војна, стануваат активни во Отпорот и мајка ѝ ја апсат во нејзиниот дом во 1943. Сестрите ги фаќаат од Гестапо и ги мачат, па ги затвораат. Потоа, мајка ѝ и сестра ѝ ги носат во логор, а Жулиет, бидејќи тогаш има само 16 години, останува во затворот неколку месеци, па ја ослободуваат. Скроз сама, пешачи 12 километри до Париз и до штабот на Гестапо за да си ги земе стварите. Нејзината поранешна професорка и пријателка на мајка ѝ, Хелен Дук решава да се грижи за нејзе.

Во 1945, се враќаат мајка ѝ и сестра ѝ од логорот, а Греко се сели во Сен Жермен де Пре. Тогаш и почнува онаа боемска мода на тогашните интелектуалци на повоена Франција, на која денес е симбол. Хелен Дук ја праќа на часови по глума, па прв пат се појавува во претстава (Victor ou les Enfants au pouvoir) во 1946 и води радио-емисија посветена на поезија.

Се дружи со Жан Пол Сартр, кој ја воведува во хотелот „Ла Луизиен“ и коментира дека Греко има „милион поеми во гласот“. Се познавала со многу од писателите и уметниците кои работеле околу Сен Жермен - Албер Ками, Жак Превер и Борис Виан, што ја довело до прекарот la Muse de l’existentialisme.

Годините по ослободувањето ги поминала по кафичите на Сен Жермен, вградувајќи се себеси во политичката и филозофската боемска култура. Како редовна појава во музички и поетски места, се запознала и со Жан Кокто и добила улога во неговиот филм Orphée во 1950.

Во 1949 почнува афера со Мајлс Дејвис, а во 1957 одлучуваат да останат љубовници бидејќи кариерите им се на различни континенти, плус Дејвис се плашел дека ќе ѝ ја оштети репутацијата затоа што е во врска со црнец. Останале пријатели и љубовници до неговата смрт во 1991.

Во 1949 прв пат настапува и како кабаре пејачка, изведувајќи текстови на многу познати Французи. Мажена била за актерот Филип Лемер 3 години, за актерот Мишел Пиколи 11 и за пијанистот Жерар Жуане 30 години, до неговата смрт во 2018.

Според шпанскиот писател Мануел Висент, Греко била во врска и со Албер Ками, а за време на аферата со Мајлс Дејвис се гледала и со Квинси Џонс (за кој имаме уште еден наслов со извичници!). Според автобиографијата на Џонс, Дејвис откако открил, со години не можел да го поднесе.

Имала три операции на нос; во Париз во 1953, 1956 и во Лондон во 1960. Во 1965 се обидела да се самоубие со предозирање со апчиња за спиење. Франсоаз Саган ја нашла онесвестена и ја однела во болница.

„Мишел“ од Битлс е инспирирана од нејзе и културата на која ѝ припаѓала - за песната, Пол Макартни вели:

„Нѐ шетаа на такви забави и тоа беше време на луѓе како Жулиет Греко и такви француски, боемски работи. Сите носеа црни ролки, од таму ни беше тоа, и беа лудо вљубени во Жулиет. Сте ја виделе ли? Темна коса, прекрасен глас, впечатлива. И така, се преправав дека сум Французин, и имав една песна што подоцна стана „Мишел“.

Џон Ленон има напишано:

„Отсекогаш сум фантазирал за жена што ќе биде убава, интелигентна, со темна коса, високи јаболчници, слободен дух и уметник како Жулиет Греко.“

Почина вчера, 23 септември, 2020, на возраст од 93 години.

Што значи дека не е лошо да ѝ се посвети остатоков од неделата:

Филмови со нејзе.

Спотифај плејлиста.

Не ги прават веќе вакви.

24 септември 2020 - 11:31