Женската спална соба како културолошки феномен

Во 1977, Анџела Мекроби и Џени Гарбер ја идентификуваат „културата на спалната соба“ како богата суб-култура вредна за истражување. Набљудуваат како девојчињата се социјализирани да го поминуваат слободното време во нивните соби, заштитени од криминал, опасности и сексуална непристојност, додека момчињата се шлаат по улици и прават глупости.

Како таква, собата станува центар на светот на една тинејџерка, простор за комуникација, креативност и себеизразување, каде што тинејџерките експериментираат со шминка, слушаат плочи, читаат списанија, размислуваат за момчиња, разговараат и си седат.

Во меѓувреме, начинот на кој тинејџерките ги украсуваат нивните простори станува форма на креативен бунт против родителската власт. Не можат да ги контролираат школото и домот, но можат да контролираат како ќе им изгледа личниот простор. Тука го истакнуваат одвојувањето од родителите и независноста.

Кога се разгоре интернетот, културата на спалната соба повторно се формираше, овој пат вклучувајќи и онлајн фандом, дигитална комуникација и на крај - социјалните мрежи какви што се денес. Со еден клик, девојчињата можеа да влезат во светот од кој се заштитени, учејќи и формирајќи идентитети со инпут од онлајн заедници и бескрајно многу информации. Откако толку време никој ги немаше видено и чуено, можноста да ги рашират своите идеи и креации со било кој што имаше дајал-ап конекција се граничеше со радикалност.

Спалната почна да доминира и во сопствен ќош од уметничкиот свет - денес има свој простор во центарот на цајтгајстот и практично и естетски. Поради Ковид и превисоките цени на домување и трошоци за живот, рекорден број на луѓе живеат дома и покрај тоа што веќе престануваат да бидат тинејџери. За тие што се враќаат во домовите од детството, или живеат со цимери, спалната ја задржува функцијата на приватно светилиште, простор што може да се декорира и живее без правилата од другата страна на вратата. На тој начин, културата на спалната соба и деталите од девојчинството се прелеваат во возрасниот живот, како тренд што сега го има кај миленијалките - се чувствуваат како да имаат 20 и кусур.

Културата владее и на ТикТок, каде што спалните се позадина за снимање. И не се само средени, беспрекорни соби - од овде младите ги споделуваат и битките со менталното здравје, па стануваат центар на нивното справување, преку седење, спиење, јадење и одбивање да се дружат со луѓе. Други трендови исто така го истражуваат хаосот, но преку активности и хобија што повторно се случуваат во спалната соба.

Денес, благодарение на музичарки и девојки на интернет, спалната соба се слави, заедно со зборот „девојка“ и сите микротрендови што ги носи со себе.

6 октомври 2023 - 09:38