Жената што го сруши митот за „празноглава манекенка“

Бенедета ја почнува кариерата како модел и е прва Италијанка на насловната на американскиот Вог и на првиот број на Вог Италија во 1965. Со безвременска убавина и ноншалантен стил, има работено со Ричард Аведон, Енди Ворхол и Ирвинг Пен. Истовремено е самохрана мајка, новинарка, авторка, предавач и политички активист, борец за женски права и волонтер во локална болница.

Отсекогаш била отворена за бројните лични предизвици со кои се има соочено и покрај тоа што е родена во богатство и привилегија. Искрена е за невозможниот однос со мајка ѝ и судири со нејзиниот татко-десничар, искрена е за растењето со гувернанти кои постојано добивале откази (има избројано 17), битки на суд за малолетници на 14-годишна возраст (за да ја спречи мајка ѝ да ѝ се меша) и моментот кога ја напуштил сопругот истата вечер кога се породила и ја оставил сама да ги расте близнаците.

Ја „откриваат“ на 20 години во Рим и под свое ја зема Дајана Вриланд. Ја има на американскиот Вог, на фотографија од Ирвинг Пен и веднаш потпишува со Форд Моделс. Харперс Базар ја има вбројано меѓѕ „100 големи светски убавици“ во 1966. Додека учела за глумица го сретнала поетот Жерар Меланга, кој соработувал со Ворхол и во 1967 се појавила во краткиот филм на Меланга „Во потрага по чудесното.“ Станува инвентар во Фабриката на Ворхол и муза на креативци како Ли Страсберг, Ричард Аведон, Берт Стерн и Салвадор Дали.

Во Милано се враќа во 1968, згрозена од тоа да биде „реквизит“ и „муза“ и се мажи за режисерот Роберто Фаенца една година подоцна - тој е сопругот што ја остава на породување. По вклучувањето и активизмот со италијанската Комунистичка партија, се мажи за дизајнерот Антонио Барезе и раѓа уште две деца. Овој брак трае седум години, а во двете децении што следеле, предавала предмети поврзани со жени, особено од работничката класа, на локални универзитети. Нејзината филозофија за стареењето е легендарна - го гледа како природен, прекрасен процес и истакнува дека внатрешната убавина е далеку повредна од надворешната. Има издадено повеќе книги за феминизам и стареење низ годините.

Од модата не може да избега: Во 2015, креаторот Антонио Марас ѝ ја посвети есенската колекција. Во 2016 настапи на ревијата на Симон Роша, во 2018 ја имаше на фотосесија за Вог Италија, а во 2021 стана заштитно лице на козметичката линија на Гучи.

Градскиот совет на Милано ѝ има доделено златен медал за почесен граѓанин за рушење на стереотипот на „празноглава манекенка“, а ја има и наградата Викторија на Проктер и Гембл за придонес кон современите женски прашања.

8 април 2024 - 00:00