Жената што ги постави темелите на либералниот феминизам

И како да не беше доволно, ја роди и мајката на научната фантастика.

На 26 декември 1792 година, во изнајмена соба на улицата Месле во Париз, 33-годишната Англичанка Мери Волстонкрафт му пишува на својот лондонски издавач. Притоа, истиот ден под нејзиниот прозорец поминал Луј XVI, на пат кон судењето.

При крајот на писмото застанува. Пишува, го крева погледот од хартијата и вели - неколку пати видела очи како зјапаат низ стаклената врата спроти нејзиниот стол и крвави раце како се тресат кон неа.

„Одам во кревет и првпат во животот не можам да ја изгаснам свеќата.“

Жената што го пишува ова е авторка на книга што ќе стане едно од темелните дела на либералниот феминизам. Пет години подоцна ќе биде мртва, а еден век потоа на младите Англичанки ќе им се зборува дека не треба да ја читаат ако имаат барем трошка самопочит.

Мери Волстонкрафт е родена во 1759 година во Лондон. Нејзиниот татко наследил пристоен имот, но го потрошил на неуспешни земјоделски потфати, пиел и бил насилен. Како девојче, Мери понекогаш спиела на подот пред вратата од собата на мајка ѝ за да ја заштити од него. Овој детаљ од нејзиното детство подоцна ќе стане важен за нејзиното разбирање на женската зависност - не теоретизирала за жена која нема сопствени средства и затоа не може да замине - таква жена гледала дома.

За разлика од постариот брат, кој добил образование и пари, таа не добила многу, но сепак, решила да се издржува со пишување, што во Англија во 1780-тите, знаеме нели, било речиси незамислив избор за жена. Издавачот Џозеф Џонсон ѝ дал работа како преведувачка, рецензентка и уредничка во Analytical Review, а сама научила француски и германски и постепено станала професионална писателка.

Во 1792 година ја објавила Одбрана на правата на жената, делото по кое денес е најпозната.

Таму аргументот не е дека мажите се непријатели на жените, туку дека жените се воспитуваат така што од нив се очекува да бидат убави, послушни и пријатни, наместо образовани и независни (до ден денес се бавиме со ова прашање). Ако на едно човечко суштество му се одземат образованието, имотот и можноста да се издржува, а единствено се наградуваат неговиот изглед и покорност, тешко е потоа неговото однесување да се прогласува за „женска природа“.

Решението за неа не било посебен третман за жените, туку еднакви услови: образование, право на професија, сопственост и политичко учество.

„Не сакам жените да имаат власт над мажите, туку над самите себе.“

Во декември 1792 година Волстонкрафт заминала во Франција, која штотуку минувала низ Револуцијата што таа ја поддржувала. Таму постепено се разочарала од насоката во која се движеле настаните - нејзини пријатели биле испраќани на гилотина, а теророт што следел ја натерал да се соочи со темната страна на политичките идеали во кои верувала. Токму тука нејзината позиција станува особено интересна: не ја отфрлила идејата затоа што луѓето ја изопачиле, туку ја задржала вербата во принципот и го осудила методот.

По неуспешната врска со Американецот Гилберт Имлеј и два обиди за самоубиство, повторно се вратила на работа. Во 1795 година патувала сама низ Скандинавија, со мала ќерка, а од тоа патување настанала книга што била најуспешната што ја објавила за животот.

Подоцна се омажила за филозофот Вилијам Годвин.

Ќерката Мери се родила на 30 август 1797 година. Постелката не излегла целосно, па Волстонкрафт добива сепса. Умира на 10 септември 1797 година, на 38-годишна возраст.

Бебето ќе порасне, ќе го земе името Мери Шели и ќе го напише Франкенштајн.

По нејзината смрт Годвин објавил отворена биографија во која ги открил нејзините врски, вонбрачното дете и обидите за самоубиство. Наместо нејзините идеи, јавноста почнала да го разгледува нејзиниот приватен живот. Одеднаш, името Волстонкрафт станува синоним за скандал.

Последиците траеле со децении. Жените што ја читале и ја ценеле нејзината работа порано, почнале да се оградуваат од неа, а нејзиното име речиси исчезнало од јавната дискусија.

Дури кон крајот на XIX век започнала нејзината рехабилитација:

  • 1855 - Џорџ Елиот објавува есеј за Мери Волстонкрафт и Маргарет Фулер, што претставува прв сериозен обид повторно да се зборува за неа.
  • 1879 - Чарлс Киган Пол ги објавува нејзините писма до Имлеј, со воведни мемоари, и со тоа започнува нејзината рехабилитација.
  • 1892 - По повод стогодишнината од Одбрана на правата на жената, воведот за јубилејното издание го пишува Милисент Гарет Фосет, идната претседателка на Националната унија на женските друштва. Со тој вовед Волстонкрафт е рехабилитирана и прогласена за претходничка на борбата за право на глас.
  • 1898 - За неа е одбранета првата докторска дисертација.
  • 1929 - Вирџинија Вулф во есејот Четири лика пишува дека Волстонкрафт е бесмртна, дека е жива и активна, дека се расправа и експериментира и дека нејзиниот глас се слуша, а нејзиното влијание се препознава меѓу живите.
  • Ема Голдман, од сосема поинаква, анархистичка позиција, држела предавања за нејзиниот живот.
  • 1974 - Клер Томалин ја објавува Животот и смртта на Мери Волстонкрафт и повторно ја приближува до пошироката публика.
  • 2020 - Во Њуингтон Грин, на местото каде што Волстонкрафт го отворила своето училиште, ѝ е подигнат споменик.

Биле потребни 223 години.

Зошто Волстонкрафт и денес е важна?

Нејзината идеја е изненадувачки едноставна: правата не зависат од полот, а зависноста не треба да биде услов за достоинствен живот. Не барала привилегии за жените - барала да се отстранат пречките што ги спречувале да бидат образовани, економски независни и слободни да одлучуваат за сопствениот живот. Затоа нејзината приказна и филозофија е зачеток на феминизмот - инсистирала на едно мерило што треба да важи за сите, дури и кога тоа било непријатно, непопуларно или опасно.

Во книгата има вакви работи:

„Не сакам жените да имаат власт над мажите, туку над самите себе.“

„На светот му недостига правда, а не милостина.“

„Независноста одамна ја сметам за најголем благослов во животот, темел на секоја доблест.“

„Кој го поставил мажот за единствен судија на тоа дали и жената го споделува со него дарот на разумот?“

„Доблеста може да процвета само меѓу еднакви.“

„Зајакнете го женскиот ум така што ќе ги проширите неговите видици, и ќе дојде крајот на слепата послушност.“

„Суштество што се покорува на кој било авторитет, освен на авторитетот на разумот, не може да се нарече ниту разумно ниту доблесно.“

„Децата, се согласувам, треба да бидат невини; но кога оваа придавка ќе се употреби за мажите или жените, таа е само пристоен израз за слабост.“

„Од детство поучувана дека женското жезло е убавината, душата се обликува според телото и, талкајќи низ својот позлатен кафез, се стреми само да го украсува сопствениот затвор.“

8 октомври 2026 - 00:43