Жената чиј метод спасува милиони бебиња годишно

Во 1952 година, во една породилна сала во Њујорк, лекарите се соочуваат со (уште едно) модро новороденче што не дише. И тогаш се слуша „Ајде да го оцениме бебето,“ што значи дека на сцена влегува д-р Вирџинија Апгар.

Таа реченица го променила текот на современата медицина.

Вирџинија Апгар првично се стремела кон кариера во хирургија, но во 1940-тите жените тешко ги пуштале во операциона сала. Откако ѝ станало јасно дека ниту една болница нема да ја вработи како хирург, се свртела кон анестезиологијата која во тој момент брзо се развива и одлуката подоцна ќе се покаже како клучна за развојот на неонаталната медицина.

Работејќи во породилното одделение на болницата „Колумбија-Презбитеријан“, Апгар забележала дека новороденчињата често умираат во првите минути по раѓањето, не поради неизлечиви состојби, туку затоа што лекарите немале објективен метод за проценка на нивната состојба. Во 1952 година, таа развила едноставна, но систематска скала за проценка што мери пет клучни параметри: срцев ритам, дишење, мускулен тонус, рефлексен одговор и боја на кожата.

Така се појавил Аpgar-тестот, кој го носи нејзиното презиме.

Во рок од неколку години, системот бил усвоен во болниците низ САД, а потоа и во остатокот од светот. Стапката на смртност кај новороденчињата значително се намалила, а медицинскиот персонал добил унифициран метод за брза проценка и итна интервенција.

Подоцна, Апгар продолжила со научна и јавна работа, станала магистер по јавно здравје и се приклучила на организацијата March of Dimes, каде се залагала за подобра нега на мајките и новороденчињата. Нејзиниот пристап комбинирал клиничка прецизност со практичност, што го направило тестот применлив и во најосновните здравствени услови.

Починала во 1974 година. Денес, нејзиниот тест е стандардна процедура во секоја породилна сала во светот. Секои две секунди некаде на планетата, едно новороденче се оценува според нејзиниот метод - доказ дека едноставна идеја, создадена во момент на итност, може да спаси милиони.

14 октомври 2025 - 14:08