Жена според Мајкл Корс

По повод излегувањето на новиот парфем Sexy Ruby, Лиса Нивен од Вог го испрашува Мајкл Корс што треба да бидеш ако сакаш да бидеш во иста линија со неговата идеја за брендот.

Околу самодовербата

Имам клиентки од 15 и од 85 години. Жени од секаква националност и секаков тип. Но, размислувам за нишката што ги поврзува, а тоа е таа Мајкл Корс-жена што многу добро се познава себеси. Не е жртва на модата, туку ја интересира проектирање на сопствениот стил. Кога ќе размислиш, стилски освестена жена секогаш се познава себеси. Еднаш одамна, и Лил Ким и Сигурни Вивер кои се разбира се сосема различни, носеа ист мој фустан. Искрено, многу ми се допадна што секоја од нив му даде сопствен печат на фустанот. Мајкл Корс-жената сака да ги носи парчињата одново и одново, не само еднаш. Како што прават и војвотката од Кембриџ, г-ѓа Обама или Хилари Клинтон.

За манекенките

Ако зборуваме за самодоверба, Ешли Греам е неверојатна. Ги крши сите правила и нема ништо срамежливо или повлечено кај нејзе, и тоа се забележува кога ја гледаш на писта. Од друга страна, и девојките со машки став се исто супер. Моделите како Мика Арганараз на пример – ќе ја погледнам и ми текнува дека таа дозволува жените да имаат виткана коса и да речат „знаеш што, нема да ја исправувам и ќе одам на забава во панталони и рамни кондури.”

За индивидуалноста

Првата работа што им ја кажувам на сите што ги ангажираме е дека никогаш не ги гледам новите манекен(к)и како кукли од излог. Навистина сакам да се индивидуалци. За ревијата есен/зима 2017-та, имавме манекенки со секаков изглед, од секој дел од светот, тинејџерки, 40-годишни жени… Мислам дека мојот пристап кон убавината значи тие да можат да бидат најдобра верзија од себеси. Не да бидат трансформирани во некој друг. Кога ќе се претера со фризура и шминка, во истиот момент престануваш да ја препознаваш жената, тоа станува маска. Понекогаш, само едно поминување со четка може да е одлично и забавно. Како кога гледаш стари слики од Кетрин Хепберн каде што нема шминка, само црвен кармин.

За модата

Мене ми е работа да предизвикам луѓето да знаат дека изгледаат добро. Тоа не резервирано само за 22-годишни и за најслаби и најзгодни. На кастинг барам луѓе што се интересни и додаваат карактер на тоа што го носат. И ги облекувам како што самите би сакале да се облечат. Понекогаш, им давам два избори и ги прашувам „кое го сакаш?” Керолин Марфи, кога ја облекував за есен/зима 2017-та, ми рече „може да си го носам ова дома?”

За моќта на парфемот

Многумина им приоѓаат на парфемите како нешто што се носи навечер, или за посебни прилики, или на работа, но јас велам „зошто да не бидеш гламурозен во сала за вежбање?” Мислам дека што и да направиме во Мајкл Корс, има една гламурозна енергија во сите парфеми. Но, истовремено, не е тоа како што го замислиле вашите мајки и баби. Сакам гламурот да биде современ. Sexy Ruby навистина истакнува колку сте секси. Сите парфеми ни се луксузни, но овој е храбар во својот луксуз. Направен е за жена што кога ќе влезе во просторијата сите паѓаат во несвест. После сите овие години како креатор, сум сретнал еден куп жени со изјави „носам само црно”, „носам само неутрално” или „не сакам да носам бои.”

Но одеднаш, гледаш црвено и се губиш.

За живеење во сегашноста

Кога почнав во ’80-тите ги шетавме колекциите низ цела Америка и се среќававме со клиенти. Сега, со сите овие социјални мрежи можеш на секого да му влезеш дома. Објавуваме нешто и добиваме фидбек во истата минута и можеме да разговараме со жени од цел свет. Многу ми е интересно и возбудливо да чујам фидбек. И мислам дека модата и убавината се дел од поп културата и со социјалните мрежи навистина можеме тоа да го проткаеме кај нас. Она што се случува во модата, се совпаѓа со музика, филм, театар и политика.

22 септември 2017 - 10:45