Земи му на дете телефон и ќе твита од фрижидер

Една тинејџерка твитна од смарт-фрижидер и остана жива, откако мајка ѝ ѝ го конфискувала телефонот.

Ова се вика преземање драстични мерки во тешки времиња. Инаку, казната доаѓа затоа што мајката сметала дека „треба да обрнува повеќе внимание на опкружувањето.” Очигледно целта е постигната.

Петнаесет години има, името ѝ е Дороти и не се снашла само со фрижидерот. Успеала да побара помош во таа страшна неприлика и преку Wii U-то, и рачното Нинтендо. Фрижидерот е LG, ако баш ве интересира и од таму не го искоментираа настанот, ама потврдија дека фрижидерот има можности за социјални мрежи.

Инаку, мајка ѝ збеснала две недели претходно, откако Дороти готвела и се загледала во телефонот, па за малку ќе ја запалела кујната.

„Сите гаџети ми ги зема за да бидам повнимателна,” вели Дороти, која на Гардијан му одговара од Ајпадот на братучетка и затоа што е сè уште казнета. „Ќе умрев! Ми беше страв дека цело лето ќе ми биде досадно, а на Твитер ми поминува времето побрзо.”

Била загрижена дека ќе ги изгуби „заедничките врски”, што на јазикот на децата што твитаат од фрижидер значи дека нема да може да ги заследи тие што нејзе ја следат.

А вака тече приказната:

Твитнала на профилот што ѝ е фан акаунт за Аријана Гранде дека мајка ѝ ѝ го земала телефонот, па после се појавил уште еден твит, од мајката, со содржина „Гледам дека Дороти користи Твитер од Нинтендо. Овој профил ќе биде затворен сега.”

Потоа, Дороти твита: „Мајка ми ми го зема телефонот и Нинтендото, значи немам друг избор и морам од Вии… фала ви за поддршката и љубовта.”

Конечно, мајката го гледа тоа, па и Вии-то ѝ го одзема.

И тогаш доаѓа твит: „Си зборам со фрижидерот, што има врска.”

Сагата станува вирална и има над 12.000 ретвити. Има и хаштаг #FreeDorothy започнат од самиот Твитер. Дороти уште нема одговорено колку време ќе биде казнета. „Може да каснам со одговори затоа што ми е тешко да најдам нешто за да користам Твитер,” вели за Гардијан.

Дали бе, може еден аплауз за мајката и поддршка во овие тешки времиња?!

15 август 2019 - 14:41