Запознајте го „Зиленијалскиот капиталист“

Има некои славни фаци, родени се од ‘90-те наваму, значи генерација со миленијалци-зумери и заработуваат илјадници (па и милиони) додека луѓе на нивна возраст се живи среќни ако фатат минималец. На Јутјуб тврдат дека „не е сè во парите“ а се врткаат по листи од типот „најмлад милијардер“.

„Проблемот“ сепак не го прават милијардери како Кајли Џенер, и не е до нивното лажно мотивациско верглање, со игнорирање на привилегијата. Наместо тоа, во таа хасл-култура најмногу нервира  што се работи за некоја досада што си ја заборавил од средно или основно школо, а сега работи со полно работно време, вежба и раководи со пирамидална шема.

Ова е зиленијалски капиталист - ги има истите 24 часа во денот како Бијонсе, само што нема чистач, шофер, тим за разубавување, стилист и обезбедување. Нема ни Прада капут, ни дечко-спортист, ни куќа во англиско предградие како Моли Меј Хаг.

Но, ако ништо друго, има експлицитно бескрајна река од клише цитати во Тајмс Њу Роман преку мермерни позадини на Инстаграм и ни советува дека „Болката е привремена, откажувањето трае засекогаш“. Лајкнато е од сите што вежбаат пилатес со неа. После ќе додаде (на истиот мермер, со истиот фонт): „Не работете за пари, работете за слобода“. Дечко ѝ го споделил, а сто посто би бил инцел, да не се заедно од 2010.

Тој, од друга страна е зиленијалски капиталист што заработува нешто над минималец, ама нонстоп се расправа дека не треба да се даночат мега-богатите. Редовно твита дека Илон Маск е најбољи. Тврди и дека еднаквоста е веќе факт, затоа што - сите имаме по 24 саати на ден, и машки и женски, нели маче?

Токму тие те зивкаат „на кратко да се вклучиш на Зум“ кога си веќе на афтерворк, а во потписот на мејл имаат линк од таа додатна работа што ја „чепкаат“ на страна. Коментираат „Можеш да наплаќаш за ова!“ кога ќе им покажеш нешто глупо што си го изработил рачно и мислат дека си изрод затоа што не те интересира да правиш пари на секое хоби.

Но, која е крајната цел на зиленијалскиот капиталист, кој во своите средни 20-ти влегува меѓу миленијалец и зумер, но се декларира како „грлбос“ или „крипто-брат“?

Да биде следниот Џеф Безос, ама без инвестицијата од 300.000 долари од родителите. Евентуално (и пореалистичное дека) ќе дојдат до недвижнини.

А се разбира, милионерите и милијардерите што ги слушаат, ќе посоветуваат дека едноставно, треба многу да работиш. Нема да признаат дека експлоатираат луѓе за профит, затоа што инаку ќе одат право на гилотина. Најголем успех им е што продаваат прескап сјај за усни и ги тераат вработените да мочаат во шише, наместо да им дозволат да одат до тоалет. И тоа што ги убедиле најдосадните луѓе што ги имаш на Фејсбук дека ако стануваат во 5 сабајле да вежбаат пред работа - и тие ќе се збогатат на истиот начин.

3 јули 2023 - 16:43