Замисли Каролина Херера да ти е баба

Ќерката на венецуелската дизајнерка Каролина Херера зборува за нејзиниот тивок семеен живот и за тоа каква е Херера како баба.

Во латино-културата, бабата е матријарх, симбол за убавина, мудрост и храброст што го стабилизира семејството. Но, колку и да е нестварна, сепак се грижи за семејството, игра со децата и нели, криумчари грицки и благо. Ако на сè ова му додадеш и црвен кармин, ја добиваш Каролина Херера.

Како аутсајдер, тешко е да се замисли г-ѓа Херера која со децении е носител на њујоршкиот шик како - abuelita. Бабе. Создавач на безвременска елеганција, уметник што ги облече најмоќните жени, моден феномен со строга, бела кошула и совршено нанесен кармин.

А сепак, дома, според една од нејзините ќерки, е бунтовник што на внуците им дава нездрава храна после време за спиење. „Доаѓа во Мадрид и им дава да гледаат телевизија со часови. Јадат чоколадо и пијат Кока-кола и гледаат Нетфликс до четири сабајле. Можат што сакаат да прават - таква баба е.“

Каролина Адријана Херера, една од четирите ќерки на г-ѓа Херера, има три деца. Блиски се и внуците на Херера ѝ се меѓу најголемите фанатици и обожаватели.

Во февруари 2018, тогаш 83-годишна, последен пат се поклони на Њујоршката модна недела, по речиси 40-годишна кариера и над 72 ревии, покрај некои од најголемите имиња во индустријата - Хејмиш Боулс, Карли Клос, Гленда Бејли - а нејзините 12 внуци навиваа.

„Многу им е супер, мирисите и облеката, но ним тоа им е како театар,“ вели Каролина Адријана, која долго време е главна за парфеми во компанијата.

Нешто што никој - дури ни внуците - не може да го направи е да растура во совршено зачуваниот плакар на дизајнерката. „Како приватен детектив е,“ вели ќерка ѝ. „Ќе земам зимски кафен чорап и ќе рече, да не ми ги пипал некој чорапите? Има и опсесија со чевли - тоа ѝ е тајната - но носи 35, па никој не ѝ ги зема затоа што никого не го собираат - и се радува.“

Постои речиси недостижно ниво на гламур на кој светот е навикнат гледајќи ги нејзините ревии и нејзиниот личен стил - со долгите сукњи, минималистички наметки, кошули со крагњи и црвени балски фустани. Нејзиниот изглед совршено комбинира европска латина-елеганција со аристократска њујоршка улична мода. Но, нејзиниот личен живот е скромен, ориентиран на семејството и многу тивок.

Ќерка ѝ вели дека таа ја научила да работи многу, но да култивира и силен внатрешен живот и да не дозволи успехот на брендот да ѝ одвлече внимание од она што е навистина важно - семејството.

„Бев многу блиска со баба ми од страна на татко ми, и ако има еден заеднички именител меѓу мене, моите сестри, мајка ми, дури и баба ми која почина во 1992, тоа е дека сите сме силни жени,“ вели Каролина Адријана.

Додава и дека не го гледа брендот Каролина Херера како нивна единствена оставштина. Вели дека не ја дефинира, не ја дефинира ни мајка ѝ, а сигурно не сака да ги дефинира и нејзините деца - особено кога растат во комплетно поинаква генерација, каде што лајковите и социјалните мрежи и таа една лажност што не е вистински живот се насекаде. Наместо тоа, се залагаат за вредностите на Херера и начинот на кој го живее животот со стил и интегритет - тоа им остава најголем впечаток на внуците. „Мислам дека треба да се гордеат со она што го има направено баба им и со она што го работи мајка им - како што важи за сите мајки и баби во светот.“

Значи, г-ѓа Херера е обична мајка, сопруга на Реиналдо Херера и „нормална баба“, но сепак, стои прашањето: Дали некогаш станува од кревет без шминка, облекува тренерки и оди во кујната да прави појадок? Се разбира дека не - Каролина Херера е тоа.

„Моите деца се шегуваат дека дури и нејзиното куче е елегантно. Дека може ја собираат вонземјани навечер и ја оставаат назад наутро,“ се шегува Каролина Адријана. „Јас не можам да бидам толку совршена. Секогаш имам дамка, косата не ми е на место, размачкан ми е карминот, а таа доаѓа, со совршени црвени усни и ќе ја прашам, од кај излезе карминов? И таа ќе рече, секогаш си носам по еден.

Секогаш носела црвен кармин, секогаш, секогаш и никогаш не ѝ требало огледало за да го стави.“

Црвената боја долго го дефинира брендот на Каролина Херера и стои како симбол на елеганција, сензуалност и нејзините шпански корени - но ќерка ѝ на Харперс Базар им кажува дека е многу полично и поедноставно.

„Пораснав во црвено откако сум родена. Мислам да, црвен кармин, но имавме и црвена соба. Дневната во Каракас ни беше црвена. Секогаш имало црвени рози и каранфили и црвени фустани. Имам црвено и дома: Црвени фотелји и црвено-бело платно на ѕидовите. Црвена отсекогаш била боја за домот на Херера. И понекогаш, инспирацијата ти е во ДНК.“

Личниот стил на г-ѓа Херера отсекогаш бил отсликан на нејзините ревии. Нејзината безгранична софистицираност е еден од нејзините најиконични квалитети - нешто што Каролина Адријана вели дека ги воодушевува нејзините деца и што и нејзе ја потсетува на нејзината баба.

„Баба ми мене ми беше кралска убавина што никогаш не помина ден на сонце, што имаше прекрасна темна коса. Сакаше да јаде и чоколадо јадевме во секое време, но се сеќавам како мислев дека е wow, ме разбирате? И мислам дека моите деца го имаат истиот однос кон мајка ми. Мојата помала ќерка ќе оди на пица со мајка ми и ќе рече, таа не припаѓа овде баш. Но, многу се блиски. Се забавуваат и прават некои луди работи заедно. Па, гледам паралела. Им се восхитуваш, но истовремено имаш и една блискост што го надминува тој восхит.“

5 октомври 2022 - 11:40