Во раните ’70, опкружен со тиркизна вода, во него уживале милионери и филмски ѕвезди како Брижит Бардо и Елизабет Тејлор, покрај неговите 39000 жители. Имал луксузни хотели, песочни плажи полни со луѓе во купачи и развиена економија додека еден ден, без предупредување и во најголемата сезона, Турција напаѓа со пешадија и авиони. Додека плажите, хотелите и домовите паѓаат од бомби, жителите и туристите бегаат „гз преку глава“, оставаат сѐ зад себе и никогаш не се враќаат.
Турската војска за кратко презема контрола и ја запечатува целата област со огради и патроли, бранејќи било кој освен вработени во ОН да се приближи. Репутацијата на Вароша како една од најидиличните дестинации за одмор е уништена преку ноќ.
Освен природата што сега го има освоено градот, единствените луѓе што повремено ќе прошетаат се турски војници кои патролираат во потрага по некој што би се осмелил да влезе. Овластени се и да апсат, па и да пукаат ако треба, затоа фотографии од Вароша постојат многу малку.
Домовите се сѐ уште исполнети со мебелот и облеката на сопствениците, сѐ уште има маси наместени за вечера. Еден шведски новинар кој го има посетено градот во ’77, кажува дека сѐ уште висат алишта на жици и во некои станови гори светло. Салони за продажба на коли зјаат празни, со прашина и вегетација, со ганц нови возила излезени во годината на нападот. Целото гратче е една огромна временска капсула.
Секогаш е чудно, дури и фрустрирачко кога вакво место е упорно празно и се јавува прашањето - зошто, и зошто да не се обнови и да се искористи? Едноставно објаснување нема, или пак, Вароша е жртва на она „ако јас не можам да го имам, никој не може“. Во една од теориите, турската влада го има зачувано за некогаш ако дојде ред за политичко ценкање, ама тој датум уште не е дојден.
Оваа година, иако нема никаков договор меѓу двете земји, Турците најавија дека планираат да го отворат повторно овој град-дух, под нивна контрола и би добил свој момент откако ќе заврши пандемијата.
Но и повторното отворање е деликатно прашање - стотици грчки имоти се сега под турска контрола, плус Вароша е комплетна руина. Градбите скапуваат толку долго, што експертите велат дека е побезбедно да се сруши цел град за одново да се изгради и да се вратат луѓе - ова е доста скапо оживување за кое на никој нема да му се брза после пандемија и во иминентна економска криза.