Од Њујоркер:

За сите што мислат дека „Сексот и градот“ е површно, нереално, женско ѓубре

Емили Нусбаум – телевизиски критичар за Њујоркер, за Сексот и градот и како приказната се изгуби во морето површна публика.

Има една нова, инаку одлична книга, со наслов Тешки мажи: Зад сцените на една креативна револуција: Од Сопранос и Д Вајр до Мед Мен и Брејкинг Бед. Авторот Брет Мартин го претставува процесот на создавање на одлична телевизија, но кога ќе стигне читателот до описот на подемот на HBO во книгата, се среќава со заклучокот на Мартин околу една од највлијателните серии на денешницата, сакале ние да признаеме или не.

Сексот и градот е како една туристичка кампања со ликови со кои еднакво можеш да се поистоветуваш и како со тие од Златните девојки: Курвата, Светицата, Кариеристката и Хероината. Само што, зборуваат поексплицитно, и тоа за нивните тела, но и за желбите и незадоволствата надвор од спалната соба, повеќе од било кои жени досега на телевизија.“

Им признава и дека го пробиле HBO, но презирот е дури опиплив, а безволната пофалба е резервирана само за еден аспект од серијата: сировоста на материјата. Но Брет Мартин не го измисли овој став: неговите изјави се само едно ехо на она што стана рефлексивен концензус за серијата. Како што Сопранови почна да достигнува телевизиски  врвови, така репутацијата на Сексот и градот се смали и избледе. До 15-тата годишнина на серијата оваа година, и самите фанови се истренирани да ја третираат како guilty pleasure, дури и кога ќе се најави некоја „женска“ серија на телевизија, знаат безобразно да речат „не се секирај, не е Сексот и градот“.

Како да е тоа нешто добро.

Но и Сексот и градот беше водечка серија на HBO едно време. Стоеше рамо до рамо со Сопранови, иако со поинаков тон, поинакво миље, и деконструираше поинаков жанр. Мафијашки, џандарски и каубојски серии се серии што имаат тежина. Сексот и градот наспроти тоа, беше категоризирано како ситком. Како една похрабра романтична комедија, серијата се бореше со ограничувањата на розевкастиот жанр цело времеи на крајот – се предаде, но сепак, до последната минута се работеше за остра, иконокластична телевизија.

Женствена наместо фетишистички мажествена, светкава наместо храбра и смела во концептот за ликовите, Сексот и градот беше брилијантна и на одредени начини радикална серија.

А од нејзе потекна и првиот женски анти-херој на телевизија: Кери Бредшо.

Пред да почнете да урлате, да се вратиме наназад. Пред Сексот и градот, поголемиот дел од сингл женските ликови на телевизија беа типови за кои што сите нешто навиваме – или ако сакате, „примери за жена“. Гледавме жени кои на женската публика и нудеа претставување какво што ѝ беше потребно, плус на мажите им беа апсолутно преслатки – ранливи, откачени и топли. Како и да варираа слоевите на овие ликови со текот на времето, сепак се водеа според една одредена патологија: културната обврска жените да се поздравуваат меѓу себе со „И мене исто! Исто!“

Наспроти тоа, Кери и нејзините другарки – Миранда, Саманта и Шарлот – беа малку поинакви, оштетени, агресивни и понекогаш и застрашувачки фигури, како огледало за шминкање со неонски ламби. Беа истовремено реални и апстрактни, емотивно комплексни и филозофски стилизирани. Жените се идентификуваа со нив – „Јас сум Кери!“ – но потоа се разбеснуваа кога им ги истакнуваа недостатоците. И, со исклучок на Шарлот, мажите не ги сакаа: имаше бескрајно многу сурови шеги за Саманта, Миранда и Шарлот, како курви, хејтери на мажи или спонзоруши.

За мене, како сингл жена тоа беше дефинитивно знак на прогрес: подобро е да се гледа на животот на една сингл жена како гламурозно заканувачки, отколку како тажен и осамен.

Самата Кери Бредшо почна како огледало за една друга жена. Беше аватар на колумнистката на Њујорк Обзервер Кендис Бушнел, иога продуцентот Дарен Стар и неговата екипа од најчесто женски сценаристи ги адаптираа колумните на Бушнел, ја трансформираа таа студена Кери ставајќи ја во топлото тело на Сара Џесика Паркер.

И излезе дрдорка со стил, чие напредно чувство за мода не беше додадено за да се привлекуваат мажите пред олтар. Неколку епизоди Кери беше среќен, љубопитен истражувач, пушеше цигари во друштво на мажи што излегуваат само со манекенки и да останеше таква, ќе беше само уште една од гореспоменатите допадливи девојки, во финка комедија за авантурите на една жена во големиот град.

Наместо тоа, Кери падна во мрежата на Mr. Big, секси, емотивно недостапен, 43-годишен финансиер кој го играше Крис Нот. Од тогаш, колку и да беше и понатаму задоволство да се гледа Сексот и градот, делуваше и како да го осмислуваат да ја одбие желбата за идентификување на гледач(к)ите, предизвикувајќи анксиозност исто толку колку и олеснување. Ја замени и прималната сцена на на романтичните комедии од „И јас исто!“ во „И јас ли сум таква?“ Mr. Big воопшто не беше таму за да ја спаси Кери; наместо тоа, неговата „огромна љубов“ беше едно бавно труење, кое предизвика ликот Кери комплетно да се смени, да стане анксиозен, опсесивен и покрај шармот – ужасно опседнат со себе. 

„Страшната жена на која стравот и го изеде разумот.“

Нивната врска им беше проблем и на другарките, кои не беа само, како што предлага Мартин, обични „типови“, туку портрети на едно мало парче богати, триест-и-кусур-годишни жителки на Менхетн:  снаодливата галерина, адвокатката и либерална феминистка и декадентната моќна публицистка.

Во текот на целата серија, Кери се соочува со еден проблем: нејзината вистинска љубов е лажна. Невротичната Кери од прва сезона не издржа, сепак. Со Big се смирија, па пак раскинаа, уште погадно. Тој се пресели во Париз. Таа го запозна Ејдан, типот за мажење. Во трета сезона, сценаристите ја појачаа работата, пишувајќи ја Кери во една уште по-антихеројска ситуација: варање на пристоен маж со лош маж, во тоа време оженет за совршена жена. Не нè поштедија ни од реперкусиите - понижувањето на Наташа и сериозноста на Ејдан, дури и откако ја прими назад. Во текот на шест сезони, Кери се промени, како и секој што би се променил од триесет до триесет и осум години, и не секогаш на позитивни начини. Стана поискрена и поодговорна; стана поздрава другарка. Но ѝ останаа и лузни, стравови и претпазливост, и конечно го призна стравот од тоа што значи да се биде стара и сингл.

И нејзините другарки се променија, често поради тоа што беа соочени со најсилните недостатоци – површноста на Шарлот, брзиот јазик на Миранда и одбивањето на Саманта да биде ранлива. Напуштајќи го концептот на претходни получасовни комедии, сценаристите комплетно го искористија богатството на сериско раскажување: на филм, доаѓаме од поглед до бакнеж за два часа. Сексот и градот беше серија ослободена од затворање, претворајќи го она „Си беше еднаш“ во една чудна мантра, третирајќи ги личните битки на ликовите со редок микс на директност и сочувство. Беше една од првите телевизиски комедии која дозволи ликовите да се променат на сериозни начини, неколку години пред другите получасовни комедии како „Офис“ да ги украдат сите заслуги за тоа.

Значи, зошто серијата често ја сметаат за празен, статичен стрип и срам за женскиот род?

Затоа што се работи за класично недоразбирање, мислам, кое потекнува од една неиспитана хиерархија:

Претпоставката дека сè што е стилизирано (или задоволувачко, смешно, женско или експлицитно во однос на секс наспроти насилство, или направено заеднички) мора да е инфериорно.

Се разбира, формулата за серијата беше строга: обично четири заплети, два длабоки, два плитки – повразни со раскажувањето на Кери. Второстепените заплети често вклучуваа секс на жените што не беа Кери; и ваквите секвенци беа круцијални за дрскиот ритам на серијата, вбризгувајќи енергија и кршејќи било каква сентименталност.

Најнеобично е што ликовите беа симболични – четирите пријателки функционираа како речиси алегорични фигури, често во современи дебати за животот на жените, мапирани во три концепти. Првиот – емотивен: Кери и Шарлот беа романтични; Миранда и Саманта беа циници. Вториот – идеолошки: Миранда и Кери беа феминистки кои веруваа во егалитаризам, а Саманта и Шарлот беа фокусирани на откривање на моќта на феминизмот од спротивставени агли. Третиот беше самиот секс. Прво Миранда и Шарлот беа конзервативни, а Саманта и Кери беа либерте. Како што течеше серијата, Кери почна да се движи кон внимателност, подалеку од слободата, поради страв.

Секој разговор што го водеа, на ручек или за време на шопинг, стануваше вжештена дебата. Кога Кери поминува една ноќ со француски архитект, а тој ѝ остава 1000 долари покрај креветот, таа се консултира со другарките. „Парите се моќ. Сексот е моќ,“ расправа Саманта. „Според тоа, да добиеш пари за секс е едноставно размена на моќ.“ Плус, еден од најпопуларните разговори се случува во првите неколку епизоди, кога Шарлот ќе се пожали дека типот со кој се гледа ја прашал за анален секс. Другарките се собираат во такси за жолчно да дебатираат дали да избере размена на моќ (Миранда), или за откривање на една нова, забавна дупка (Саманта). „Јас не сум дупка!“ закенкува Шарлот, а таксистот погодува шахта. „Што беше тоа?“ прашува Шарлот. „Трејлер“, се кикотат во исто време Миранда и Саманта.

Основниот систем на вредности на серијата е на Кери. Но вистинската јака страна на Сексот и градот беше волјата да не биде еднострана приказна: дозволено беше секоја страна да го приложи својот случај, за да може да потпре на комплексноста. Кога раскинаа Кери и Ејдан, и двајцата беа во право. Кога Миранда и Кери се расправаат за селењето во Париз, и двете се во право. Стилот на серијата може е кршлив, но содржината е флексибилна, на еден начин со кој серијата можеше да допре до многу луѓе, покривајќи толку многу што стана лесно да се земе здраво за готово.

А краевите и тоа како се важат кога се работи за телевизија. Сопранови заврши со црно: им ја ускрати сатисфакцијата на гледачите и ги изнервира и најпосветените фанови.

А три години претходно, во 2004-та, Сексот и градот имаше други притисоци за расправање. Ако мафијашки филм завршува со убиство, многу добро знаеме како завршува романтична комедија.  Во шестата сезона, Кери го бара својот среќен крај со славна личност како неа, рускиот уметник Александр Петровски, кој го играше Михаил Баришников, еден ладен гениј кој таа не го сака но ѝ нуди една бајка по која секогаш копнеела: Париз, безбедност, пари и задоволство. Чувството беше грдо и тажно, на еден реалистичен начин. Во една од најдобрите епизоди во сезоната (а и серијата), Кери виде како повозрасна жена се помири со не толку посакуван маж, и виде смрт на една изгубена жена (еден од најдобрите монолози на Сексот и градот: „Кога бе престанавте сите да пушите? Од кога сте сите во пар? Толку ми е досадно, што ќе умрам“, се нервираше ликот на Кристен Џонстон пред буквално да излета од прозор на висок кат на облакодер). Серијата секогаш имаше политички осврт за таквите социјални притисоци. Како што ќе каже и една друга серија на HBO, доаѓа зима.

И тогаш, во последната рунда, Сексот и градот попушти и дозволи Big да ја спаси Кери. Ги послуша желбите на својата хероина и барем половина од публиката, притоа частејќи нè со впечатлив фустан. Но покажа и откажување на нерви, неспособност на сценаристите да замислат, или да си веруваат на самите себе, да прикажат било каков друг крај – среќен или не.

И не можам, а да не се запрашам, каква ќе беше серијата ако оригиналниот, неалтернативен крај беше поинаков? Што ако се работеше за приказна за една жена што се изгубила себеси во нејзините триесетти, која се променила поради отровна, моќна љубовна врска, и која на крај излегла со помош на своите пријателки? Која би била Кери тогаш? Тоа е интересно прашање, прашање кое секако не треба да ја избрише моќната оставштина на серијата. Но веројатно ќе мораме да почекаме друга серија да ни го одговори.

Емили Нусбаум

(Серијата има алтернативни краеви достапни и на ДВД-то и на Јутјуб и за жал, ниеден не е задоволувачки како оригиналниот, па колку и ние да сакаме да тврдиме дека „не мораше баш така да заврши“.)

7 јуни 2017 - 14:05