Џесика Мос го запознава Кевин Хардести летото 2000-та, во Лос Анџелес (тие се на сликата). Тој бил 37-годишен директор, таа 19-годишна стажантка. Го забележала кога средувал документи во еден од одделите: Се прошетал во Прада кошула и совршено скроени панталони и имал очила. На последниот ден од стажирањето, го следела до лифтовите и го поканила на ручек. Ѝ рекол „ме има во именикот“, па го побарала, излегле неколку пати и на крај ѝ рекол дека е премлада и дека треба да си го живее животот.
Мос тој Божиќ го поминала на патување во Париз и цело време се жалела. Во 2004, налетала на него и повторно отишле на вечера. Живеела во нов стан, со дечко на нејзина возраст (со кој требала да се мажи) и имале кутре. Се омажила за него, но се развеле во 2013. Истата година, Хардести ѝ пишал на Фејсбук да ѝ честита роденден. Оттогаш се неразделни. Се земале во 2017, кога таа имала 36, а тој 54.
И двајцата се згодни, со одлична коса. Д Кат за интервју ги наоѓа седнати во нивната канцеларија во Лос Анџелес и во разговор, ги прашува како разликата во години се вклопува во меѓусебната привлечност, и дали ја прави нивната динамика некако поинтересна.
На тоа, и двајцата се смеат. И се согласуваат.
Свесни се дека луѓето од надвор знаат да бидат збунети од нивната врска, со оглед на тоа колку била млада Мос кога се запознале. Неколку недели пред да договорат разговор со магазинот, имаше вести дека стенд-ап комичаот Дејн Кук кој има 51, се оженил за неговата 24-годишна девојка Келси Тејлор. Почнале да се гледаат кога имала 18, и на интернет некои го нарекуваат Кук предатор, а Тејлор жртва. Мос вели дека тоа го чувствува како напад, бидејќи алудира на тоа дека оваа 24-годишна девојка не е своја жена и дека не може сама да избере и некако е превеслана, или е жртва, или е злоупотребена. А не мора да значи.
„Нашето е доказ дека не мора да значи,“ додава и покажува на сопругот.
Во последниве неколку години, врски со голема разлика во години се на тапет на Редит, ТикТок, Тамблр и Икс. Ниеден обид да се проучи историјата на трендот не е комплетен без да се начека дискусија за Леонардо Дикаприо и девојките што никогаш не му надминуваат 25. Феноменот се вика „Законот на Лео“ и произведе многу колумни, видеа и дискусии, теми од обезвреднувањето на повозрасните жени, до сексизмот во Холивуд, па и базична еволутивна психологија. Едно од тврдењата е дека Дикаприо не го привлекувале овие жени заради убавината, туку затоа што, иако се доволно возрасни да гласаат, сепак се доволно млади за да може да ги манипулира. Сајтот YourTango вели:
„Со оглед на тоа што Дикаприо прекинува точно кај моментот кога научниците велат дека мозокот завршува со развој, можно е да се размислува дека желбата за помлади партнерки доаѓа од желбата да се има контрола.“
И некои твитови ја тераат работата и подалеку со „Леонардо Дикаприо е 50-годишен предатор.“
Во текот на целата холивудска историја, Американците (и остатокот од светот) со задоволство одат во кино да гледаат љубов меѓу средовечни мажи и многу помлади жени. Во текот на нејзините 20-ти, Одри Хепберн играше ликови вљубени во ликови на Хамфри Богарт (54), Гари Купер (56), Фред Астер (57). Сите освен 5 од 26-те главни Бонд-девојки се двоцифрено помлади од самиот Бонд. Во 1979, Вуди Ален портретираше врска меѓу Ајзак Дејвис, 42-годишен сценарист и Трејси, 17-годишна ученичка едвај полнолетна во државата Њујорк, а имаше толку малку лутење, што Њујорк Тајмс го прогласи „Менхетн“ за „највпечатливо и најекспанзивно дело досега.“ #MeToo предизвика луѓето одново да го проценуваат филмот, па Трејси и Ајзак станаа постер за експлоатирачки врски.
Сè почесто се почнуваат онлајн дискусии за разлики во години, а тврдењето е дека врска на личност во рани или средни дваесетти и некој постар е од старт предаторска. Крис Еванс го прозиваа затоа што на 42 се ожени за „дете-невеста“ (Алба Баптиста има 26), а Флоренс Пју на 24 толку многу го јадеше стапот за врската со 45-годишниот Зак Браф, што неколку пати се обраќаше во интервјуа и на Инстаграм.
„Доволно сум стара да бидам возрасна и да плаќам даноци, а не сум доволно стара да знам со кого треба да имам секс,“ рече таа.
Во септември, загинаа повеќе од 100 луѓе во пожар на свадба во Ирак. Во пост на Икс, кој доби речиси 5 милиони прегледи, една самопрогласена феминистка тврдеше дека вистинската трагедија била дека невестата имала 18, а младоженецот 27. „Свадбата воопшто не требала да се случи. Цело семејство го изгубила во пожар, а ѝ останал само предаторот.“
Таа препаднатост од големите разлики во години ја претставува промената во либералните ставови. Кога излезе „Менхетн“, не беше ретко феминистички и геј интелектуалци да расправаат дека сексот меѓу возрасни и адолесценти треба да се толерира, дури и да се брани. Во 1978, Гор Видал зборуваше на протест во поддршка на 24 мажи обвинети за злоупотреба на деца. Тогаш Видал според некои ја предизвикува самата идеја за злоупотреба на малолетно лице (statutory rape) и предлага дека „границата меѓу младо и премладо треба да е пубертетот“. Ова не е тврдење што денес интелектуалец ќе го каже јавно. Исто така, тешко е да се замислат феминисти од вториот или третиот бран да тврдат дека девојките на Дикаприо се беспомошни жртви, само затоа што имале 20-тина кога биле со него. Глорија Стајнам има кажано:
„Ако феминизмот нешто значи, значи да преземеш одговорност за себе. Не е за жените како жртви, туку за жените што одбиваат да бидат жртви.“
Откритијата на #MeToo ја поткопаа таа логика, покажувајќи како моќни мажи, заштитени од институциите што ги доминираат, можеле да ги повредат и најспособните и најпаметните жени. Дискурсот за разликата во години, чија тема се главно возрасните мажи во врска со помлади жени, потекна од загриженоста на тоа движење за разликите во моќта и принудата и согласноста. Истовремено почива и на централниот етос на #MeToo - „Верувај им на жените“ - со тоа што се провикнува дури и во име на жените кои воопшто не се жалат на своите врски. Дури и кога ќе кажат дека се среќни, критикувачите на големите разлики во години - не им веруваат.
Хардести вели дека ако за нешто жали во животот, тогаш тоа е затоа што на Мос ѝ рекол дека е премлада за него.
„Инстинктите ми кажуваа дека е вистинската, но ми беше страв дека светот ќе ни суди. Бев кукавица. Размислувам за тоа заради времето што го изгубивме.“
Понекогаш пријателите му велат дека им требало тоа време секој сам за да можат да се спојат. Дека Мос требала да порасне, за врската да успее. Но, тоа секако, како што кажува и Мос - не можат да го знаат.