За инфлуенсери е дупло

Се повеќе муштерии на камиончето за сладолед на Џо Ники доаѓаат со истото барање: дај сладолед за беспари. Зошто? Затоа што сум инфлуенсер. Ма немој.

Сладоледот, CVT Soft Serve е инаку популарен низ Лос Анџелес, и на неделно ниво, сопственикот добива барања од самопрогласени Инстаграм-инфлуенсери кои ветуваат дека ќе објават слика од сладоледот на Ники - ама да не платат. Ники секогаш им вика не, но најново што му текнало е, освен што јавно им вика да му се мавнат веќе - поставува знак на кој пишува „Инфлуенсери дупло плаќаат” и на Инстаграм пишува дека „никогаш нема да им даде бесплатен сладолед во замена за пост.” Сликата, со хаштаг #InfluencersAreGross, се прошири по свет, и сега Ники вели дека бизнисот му цвета и доаѓаат фанови од цела јужна Калифорнија што ги нејќат инфлуенсерите како него.

„Ние сме анти-инфлуенсерски инфлуенсери,” изјавува за Гардијан. „Чудно е, ама мислам дека е многу забавно. Се надевам дека ќе ги инспирира малите бизниси да држат до себе и да им кажуваат на луѓето да одјебат.”

Некои брендови сега се потпираат на Инстаграм „ѕвезди” за рекламирање на нивните производи и услуги, па даваат бесплатни оброци и хотели за луѓе што ќе кажат нешто фино за искуството. Овој феномен стана толку чест, што некои Инстаграм корисници лесно можат да прелажат секакви компании. Толку е модерно да се биде инфлуенсер што луѓето дури и се преправаат дека имаат спонзорирани постови - а немаат.

Џо Ники е инаку актер, а со сладолед почнува во 2014-та заради дополнителен приход.

„Јас заработувам од ова. Не можам да раздавам сладолед бесплатно,” вели тој, забележувајќи и дека за камиончето платил со хонорарот од некоја реклама.

Инаку камионот, со неговиот винтиџ изглед е скроз инстаграмлив, што не им поминува незапазено на инфлуенсерите. Првата година добил неколку понуди, мејлови од луѓе со промотивни понуди во замена за бесплатен сладолед.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by CVT Soft Serve (@cvtsoftserve) on

(само секунда да запреме тука, и да истакнеме дека се работи за бесплатен СЛАДОЛЕД. Не хотел. Не кола. Не одмор на море. СЛАДОЛЕД.)

„Многу сакаат да се расфрлаат со зборот ‘изложеност’. Многу е глупо тоа,” вели Ники.

А не значи дека се намалуваат понудите. Понезгодно станува кога ќе дојдат лично.

„Имате ли памет, ова е 4 долари!” ќе им рече понекогаш, ама како што ќе заклучи, доаѓаат затоа што некој друг веќе им ја прифатил понудата.

Понекогаш било и навредливо. Асистентката на некој популарен глумец прашала дали ќе сака да донира сладолед за екипата. Во замена, глумецот би се сликал со камиончето.

Како се бе такви стипси!

Ники одговара: „Многу би сакал, ама мислам дека школото каде што учи син ми не прифаќа слики со славни личности наместо пари за школарина.”

На асистентката се разбира не ѝ било срам, напротив, му се заканила со нешто од типот на, „пази што збориш, ова е мал град.”

Сега откако сликата со знакот дека инфлуенсери плаќаат дупло стана вирална, има двојно повеќе муштерии и илјадници нови следачи на Инстаграм.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by CVT Soft Serve (@cvtsoftserve) on

„Има нешто искупувачко кога ќе ги разоткриеш инфлуенсерите,” вели, додавајќи дека и многу мали фирми му пишале да му се заблагодарат за јавната реакција.

Инаку, Ники и на Гардијан им понудил да го пробаат сладоледот, ама под еден услов - новинарот да си го плати.

5 јули 2019 - 13:53