„Вресок“ избрка актерка заради објави на тема Израел-Хамас

Мелиса Барера требаше да се појави во новото продолжение на „Вресок“ (бидејќи е, нели, главна улога), но заради ставови искажани на социјалните мрежи на тема војната меѓу Израел и Хамас, едноставно ќе ја исечат.

33-годишната актерка веќе нема да се појави во серијалот, почнувајќи од седмиот дел. Во поновите делови ја глумеше ќерката на Били Лумис, и сестрата на ликот на Џена Ортега.

Она што Барера наводно го има напишано е:

„Активно барам видеа и информации за палестинската страна последниве две недели, следам профили итн. Зошто? Затоа што западните медиуми ја покажуваат само другата страна. Зошто тоа го прават ќе ве оставам да заклучите сами.“

Од 7 октомври натаму, објавуваше на Инстаграм за конфликтот, сподели пост што го обвинува Израел за „геноцид и етничко чистење“ и еден од едно списание каде што се „извртува Холокаустот за да се засили Израелската индустрија за оружје“.

Студиото што стои зад серијалот даде официјална изјава за ПИПЛ:

„Спајглас има недвосмислено јасен став: Имаме нула-толеранција за антисемитизам, или поттикнување насилство и омраза во било која форма, вклучувајќи и лажни референци за геноцид, етничко чистење, извртување на Холокаустот или било што што флагрантно ја преминува линијата на говор на омраза.“

23 ноември 2023 - 00:00