Кога човек ќе одлучи да биде во моногамна врска, често се претпоставува дека магично ќе престанат да го привлекуваат други луѓе.
И ако еден во врската навистина почувствува „нешто“ за некој надвор од неа, ова природно може да предизвика збунетост, чувство на вина, па дури и срам.
Можеби ова ќе предизвика проблеми кај некои парови, но сепак имаме работа со професионален терапевт, со тапија: Џеф Гунтер привлекува внимание на ТикТок бидејќи се буни против ваквите размислувања и споделува дека е совршено нормално да те привлекува некој друг кога си во посветена, моногамна врска.
„Ако помислувате како би било да излезете со човекот, или да се смувате, во ред е. Не значи дека не сте лудо вљубени во партнерот - и не значи дека автоматски е сериозен проблем и дека значи дека нешто не е во ред со вас или со врската што ја имате.
Да те привлекуваат многу различни луѓе е природно и нема да исчезне како појава, само затоа што сте вљубени во некого,“ вели Гунтер. „Има многу згодни луѓе во светот и во ред е понекогаш да помислите како би било кога би биле со нив.“
Повеќето се согласуваат во коментари, иако има и збунети што споделуваат дека кога се вљубени, не можат да помислат на никој друг на планетава.
За ова Гунтер вели дека е исто така сосема океј.
Многумина влегуваат во оваа категорија, а особено еден коментар паѓа во очи:
„Извини, ама не, тоа значи дека не се фокусираат на сопствената врска, туку идејата за друга. Едноставно ми нема смисла, ако ме разбираш.“
Заради ова, Гунтер објавува втор дел:
„Последното видео беше примено како провокација за некои, и сфаќам. Се обидувам да го нормализирам чувството на привлечност кон некој надвор од твојата врска и замислувањето како би било да бидеш со некој друг. Сакам да кажам дека не мора да значи дека е алармантно и дека едноставно тоа значи дека си нормален човек.
Но, ако не можете да престанете да мислите на други луѓе, тогаш може веќе да се работи за проблем. Ако направите нешто по тоа прашање, се разбира не е океј, доколку сте се согласиле на моногамија - но не ми е тоа муабетот.
Некои од тие што коментираат велат дека никогаш не помислуваат на некој друг кога се вљубени и дека тоа го очекуваат и од партнерот - и тоа е во ред. Правете како што сакате. Ако тоа ви е искуството и тоа барате од вашата врска, совршено е во ред.“
Од Базфид се заинтересирани уште малку да ги прочепкаат размислувањата на Џеф, па изјавата за нив вели вака:
„Мислам дека сите сакаме да веруваме дека нашиот партнер има очи само за нас. Условени сме да веруваме дека ако некој навистина те сака, ќе ти биде 100% посветен на секој можен начин. Оваа порака ја заговара Холивуд и бајките што ги слушаме од многу мала возраст.“
Може да почувствуваме закана доколку нашиот партнер смета дека некој друг е атрактивен и да се плашиме дека ќе ни заврши врската заради можноста тој/таа да се заинтересира за некој друг. Тоа е страв и несигурност со кои сите се борат на некое ниво.
Но, истакнува тој, работата е што од мали сме условени да судиме дали е некој атрактивен или не.
„Постојано судиме додека се движиме низ секојдневието. Понекогаш ги забележуваме сопствените мисли, понекогаш не. Во најмала рака, потсвесно реагираме на тоа колку ни се атрактивни луѓето што нè одминуваат во текот на денот.“
Речиси е невозможно да успееш да го заклучиш тој дел од мозокот. Гунтер вели дека е дури и поздраво да се прифати фактот дека се работи за природен дел од бивањето жив.
„Ако го сфатите тоа,“ вели тој, „ќе се намали и чувството на вина и срам и помалку ќе си судите. Се судат однесувања, не и фантазии.“