Во Емирати ти треба дозвола за инфлуенсер

На почетокот на годинава, Националниот совет за медиуми на Обединетите арапски емирати воведе нови правила, со кои инфлуенсерите што промовираат брендови или производи на Инстаграм и други социјални мрежи мораат да платат 4000 долари за да обезбедат дозвола за работа.

„Истовремено е и лошо и добро,” вели Лина Ал Гути, инфлуенсер со над 270.000 следачи на Инстаграм во моментов. „Лошо е затоа што е скапо и не можат многумина да ја набават дозволата. Но, мислам дека Дубаи го воведе овој закон затоа што имаме многу луѓе на Инстаграм што не се сериозни. Законот ги тера сериозно да размислат дали сакаат да бидат инфлуенсери. Мораат да бидат многу сериозни и посветени на модата и она што го работат.”

Ал Гути е една од најследените стрит-стајл ѕвезди уште од основањето на нејзиниот профил пред една година, не само заради тоа што успева да склопи модни комбинации и притоа да изгледа како да не вложила никаков труд, туку и затоа што е освежувачки оригинална во врска со нејзината љубов за модата и желбата да ги научи луѓето што навистина значи да се облекуваш скромно.

Има 26 години, со потекло од Палестина и Канада и најголем дел од животот до сега го има поминато во ОАЕ. Пред да ги претвори социјалните мрежи во бизнис, работела како графички дизајнер и уметнички директор во културната канцеларија на Нејзиното височество, Шеика Манал Бинт Мохамед бин Рашид Ал Мактоум (замислете кога го кажуваат имево на вести!).

„Напуштив затоа што ми требаше пауза, да размислам што навистина сакам да правам,” објаснува Ал Гути. „Во школо прво сакав да студирам мода, но избрав графички дизајн наместо тоа. Заради Инстаграм сфатив дека можам и двете да ги работам.” Нејзиниот профил е полн со занимливи комбинации од типот фармерки со висок струк, големи маици, костуми и додатоци од Гучи и Диор, а сепак не претерува кога објавува слики со светкави логоа. Носи хиџаб, иако тврди дека не секогаш се работи за скромно облекување, туку за самодоверба, без разлика што носиш. „Сè уште можеш да изгледаш одлично и модерно, и нема никакви рестрикции ако си покриен.”

Како самопрогласена машкоданка, со многу традиционална мајка која ја терала да носи фустани како „слатка принцеза” кога била мала, Ал Гути вели:

„Не верувам во фустани. Рано научив дека можеш да облечеш било што и да бидеш неверојатно стилски облечен.” На овој принцип му пристапува и на нејзиниот скромен стил секој ден во Дубаи и инсистира дека не сака да биде позната како „покриената девојка” или „таа со велот”. Додава и дека не сака луѓето да мислат дека е тоа само екстра додаток, туку дел од нејзе.

Еве ја. 

25 март 2019 - 13:19