Ви текнува на карминот Samantha 17?

За едно друго време и за еден кармин влезен во легендите.

На жените од бивша Југославија, овој кармин им е скриен во посебни ќошеви од менталниот споменар - нијансата е Samantha 17 од козметиката Златорог и беше препознатлива по својата нежно розова боја со бисерен сјај - совршено огледало на естетиката на осумдесеттите, кога натапираните фризури, големите обетки и шарените шушкави јакни го диктираа стилот.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Samantha 17 (@sa_man_tha_17)

Бојата имаше доза нежност, па многу тинејџерки го избираа како свој прв кармин, но и доволно гламур за да го носат возрасни жени на вечерни излегувања.

Често се користеше и како руменило - со лесно тапкање на образите за свеж изглед - а се случуваше да се нанесе и на капаците како кремаста сенка во истата нијанса.

За разлика од увозните, скапи кармини до кои тешко се доаѓаше, Samantha беше достапен за сите. Се купуваше во одделите за козметика во стоковните куќи и дрогерии, но сепак имаше призвук на нешто посебно - на пакувањето стоеше зборот Lux, а црното елегантно кутивче со карактеристичен цвет даваше чувство дека држите нешто префинето.

Оние што го користеле, го паметат по секакви пријатни нешта - по специфичниот, лесно пудрест мирис, по кремастата но интензивна текстура, и по тој посебен момент кога ќе го извадиш пред огледало, додека се спремаш за излегување. 

„Samantha 17 не беше само кармин - беше ритуал: нанесување пред школскиот танц, подготвување со музика од касетофон, заедничко огледало во бањата, први фотографии во албумот.“

Во време кога секоја нова сезона носи „must-have“ нијанса, Samantha 17 останува безвременски спомен. Кармин кој им припаѓаше на сите генерации - од невести на свадба, до тинејџерки што го краделе од несесерите на мајките и тајно го пробувале.

Затоа Samantha 17 не е само козметички производ, туку симбол на осумдесеттите, спомен на едно поедноставно, но гламурозно време - и доказ дека понекогаш еден мал предмет може да носи во себе цела генерација.

извор

7 октомври 2025 - 00:00