Веспи, камшици и упаљачи: Сан Лоран влегува во Колет

Од 20-ти декември, легендарната концептуална продавница во Париз – Колет (за што пишувавме тука) се затвора. Нивното место, во улицата Сан Оноре веќе го мерка Сан Лоран и во 2018-та може и да си го преземе, но до тогаш, ќе се вклопува во концептот на Колет, под диригентската палка на Антони Вакарело.

На три шарени спратови, Колет продаваше вечерни тоалети и смокинзи, па разгледници, патики, пенкалца и гаџети, сето тоа на површина од 750 квадрати. Беше една од првите продавници фокусирана на естетски животен стил, наспроти продажба на одредена категорија производи, и стана пример за еден поинаков дуќан.

Сега Сан Лоран е последниот бренд што ќе ја има честа да го насели првиот спрат додека Колет сè уште е таму, со парчиња кои ги слават традициите на париската култура.

Pièce de résistance им е црната верзија на најкарактеристичното париско возило – Веспата. Ќе има и кацига со кристали, винтиџ полароид апарат, скирол со леопардски принт, и кутија чоколади на Пјер Марколини. Од „пообичните” работи, ќе се најдат и сенките за очи со потписот на Сан Лоран, и дизајни на Вакарело, како на пример маици со Пати Смит и Брајан Фери, ташни со срциња и тепалки и камшици за јавање (ама од оние за во спална).

Сепак, Колет и Сан Лоран не се дружеа среќно отсекогаш. Во 2013-та, откако Колет почна да продава иронични маици со референци за брендот неговиот основач, Сан Лоран ги повлече своите парчиња од таму на неодредено. Очигледно е друго време штом Сан Лоран може и скроз да се пресели на локацијата до 2018-та, а со оваа поп-ап продавница, луѓето ќе можат да видат како би изгледал шопинг во режија на Вакарело.

22 ноември 2017 - 09:00