Веќе не знаеме како да се однесуваме на концерт

Луѓе бираат пелени за возрасни наместо тоалет кога се на концерт, „да не им го фати некој местото“. Помина тоа време кога најнекултурното беше да сликаш со блиц.

Пред неколку дена, Оливија Родриго рече дека можела буквално „да намириса“ пелени за возрасни на нејзин концерт и изјави дека била на концерти и фестивали каде што луѓето носат пелени за да не мораат да мрднат од првиот ред во публика.  Пејачот Ноа Каан на Твитер ги потсети фановите „просто да одат до тоалет“, откако се појавија слики со човечки фекалии на локацијата на неговиот концерт.

Овој глуп тренд станува сè попопуларен последниве години. Од Ковид наваму, прво нели се откажаа сите концерти, па полека се вратија, ама на луѓето соодветното однесување за концерт за жал не им се врати. Или никогаш го немале - новите генерации ем слабо стојат со трпение, ем не трпат тензија.

Ваквото лошо однесување на јавни настани се шири и на други безобразни активности: фановите фрлаат по артистите, социјалните мрежи ги „зајакнуваат“ парасоцијални врски, а фановите мислат дека имаат право на приватниот живот на уметникот само затоа што го гледаат на Инстаграм. Со тек на време, почнаа да се однесуваат како уметникот да им должи време, физичко здравје и ментална стабилност, само затоа што се фанови.

Желбата за внимание на социјалните мрежи придонесе за многу неприкладни однесувања на концерти. Луѓе само заради вирално видео ќе донесат табла монопол на сред концерт, па божем ќе играат, па некој тоа ќе го сними, па ќе стане вирално, па ќе сакаат други... И тоа влече нови и нови глупости што до пред 5 години не би се случиле. А, голема улога игра и фактот што најчесто публиката е Генерација З, која во формативни години за однесување во јавност беше изолирана заради корона.

Иако не постои официјален прирачник за однесување на концерти, постојат непишани правила што секој посетител би требало да ги почитува. Некогаш тоа значеше само да не користиш блиц додека снимаш, а денес значи и да не фрлаш предмети кон изведувачите, да не ги навредуваш и да не го претвораш концертот во сцена за сопствено внимание. Ваквото однесување не само што е непочитување кон музичарите, туку им го расипува доживувањето и на сите останати. Наместо да уживаат во музиката, посетителите  мораат да мислат дали и овој пат ќе се појави некој што ќе направи опасна глупост или апсурден потег.

Дел од причината многумина ја гледаат во опсесијата со main character energy и желбата секој момент да стане вирален по секоја цена. Но концертот не е место за лична промоција, туку за заедничко музичко искуство, а музичарите не се производи и не престануваат да бидат луѓе кога ќе се качат на сцена.

Посетата на концерт е привилегија, а не право, и најмалку што можеме да направиме е да покажеме почит кон оние што настапуваат и кон луѓето околу нас.

2 јули 2026 - 12:09