Уредничката на Вог се мачи со дебелофобија после Канје Вест

Габриела Карифа-Џонсон беше на онаа спорна ревија на Канје каде што се појавија дуксери со „White Lives Matter“ и откако јавно негодуваше, Канје се закани со „војна“.

Карифа-Џонсон го нарече слоганот „длабоко навредлив, насилен и опасен“ на стори на Инстаграм, додавајќи дека, „додека сите работиме да ја надминеме траумата на овој момент, особено тие што бевме присутни, да имаме сочувство едни кон други.“

Дали е толку страшно што човек со проблематично ментално здравје пуштил проблематични слогани на маица не можеме да знаеме, не сме црни, ама Канје ко Канје, веднаш после коментарите искористи прилика да ја исмева за физичкиот изглед.

На ова, уредничката реагира:

„Сум надминала сериозно непријателско однесување, но ништо не било толку лошо како она што луѓето го зборуваат за моето тело и како изгледам. Излезе дебелофобијата,“ напиша на фотографија од себеси за време на Париската модна недела. „Да, дебела сум. Не, не ми е понижувачки да се појавам во автентично издание пред светот.“

Канје се обиде да го поткопа авторитетот на Карифа-Џонсон, па кажа „Ова не е модна личност“, по што се вмеша Џиџи Хадид за да му каже дека е „силеџија и виц“.

И Вог ја заштити:

„Вог е со Габриела Карифа-Џонсон, нашиот глобален моден уредник и долгогодишен учесник во списанието. Беше лично таргетирана и малтретирана. Тоа е неприфатливо. Сега повеќе од кога и да е, гласови како нејзиниот се потребни и во приватен состанок со Је денес, повторно ја кажа својата вистина, како што мислеше дека е најдобро, под свои услови.“

Ако не ви е до крај јасно што бил муабетот, Канје ќе се надоврзе во капс лок:

„СИ СЕ ИЗВИНИВМЕ ЗА НАЧИНОТ НА КОЈ СЕ ОДНЕСУВАВМЕ ЕДЕН СО ДРУГ И СЕ СОГЛАСИВМЕ ДЕКА И ДВАЈЦАТА СМЕ СЕ СООЧИЛЕ СО БОРБАТА ЗА ПРИФАЌАЊЕ ВО СВЕТ ШТО НЕ Е НАШ. ТАА НЕ СЕ СОГЛАСУВАШЕ, ЈАС НЕ СЕ СОГЛАСУВАВ, НЕ СЕ СОГЛАСИВМЕ.“

Сега појасно е?

7 октомври 2022 - 14:32