Уметницата што се збогати за инает на хејтерите

На автопортретот „Тамара во зелено бугати“ од 1929 година, Тамара де Лемпицка ја има зад воланот, со кожни ракавици, шлем и израз на лице во кој нема ни трага од потреба да му се допадне некому. Насловот е малку згрешен - не е бугати, туку рено, но и сликата не е толку портрет на реалноста, колку на амбицијата.

Тамара де Лемпицка тука се претставува како олицетворение на модерната жена, независна, елегантна и свесна за впечатокот што го остава. Воедно, прави и нешто што ќе ѝ стане заштитен знак: сопствениот живот го претвора во продолжение на својата уметност.

Родена е најверојатно како Тамара Розалија Гурвик-Горска, најверојатно во Варшава, во 1890-тите години и потекнува од семејство што ѝ овозможило рано да се запознае со европската култура. Точната година на раѓање останува спорна, делумно и поради противречните податоци што самата ги оставила зад себе. По Руската револуција, со сопругот Тадеуш Лемпицки и нивната ќерка Кизет дошла во Париз, а емиграцијата значела губење на дотогашниот општествен статус и потреба од нов извор на приходи. Во тоа време, уметничкиот живот во Париз го водат (најчесто, не сите) мажи од средната класа на кои им останувало само да романтизираат сиромаштија, но Тамара не прифаќа. Сликарството, кое дотогаш било дел од нејзиното образование, сега ѝ станува професија и си го бара луксузот назад.

Во Париз учела кај Морис Дени и Андре Лот, а од класичната европска традиција и модернистичките експерименти создала стил што одговарал на духот на времето. Нормално, ѝ го исмевале, како што ги исмевале и нејзините ангажмани од богати и познати Европјани кои плаќале сериозни пари за нејзините портрети - геометриски прецизни, со мазни површини, студена светлина и фигури што делуваат истовремено скулптурално и сензуално. Во нив има нешто од ренесансните мајстори, но и од машинската естетика на модерниот град. Жените ги слика за погледот, држењето на телото и начинот на кој го заземаат просторот да сугерираат самосвест и контрола.

До крајот на дваесеттите години, Лемпицка веќе создала име и луксузен живот за себе. Не успеала случајно - знаела како да привлече внимание, како да го одржува интересот и како да го претвори во нарачки. Се служела со мода, фотографија и јавни појавувања и парадирања со нејзиниот гламурозен начин на живот како стратегија. Ова е време кога жените мораат да се борат за авторитет во професионалниот свет, но на Лемпицка не ѝ е доволно само да биде позната како талентирана сликарка - сакала и како личност да биде позната.

Во 1933 година се омажила за баронот Раул Куфнер, богат колекционер на нејзините дела. Со подемот на нацизмот ја напуштила Европа и подоцна живеела во САД, а во последните години во Мексико, каде што починала во 1980 година. По војната, нејзиниот стил малку излегол од мода и изгубил дел од актуелноста, но подоцна повторно се појавува интерес за арт деко, а со тоа и де Лемпицка се враќа во центарот на вниманието каде што отсекогаш ѝ одговара да биде.

Можеби Лемпицка не се збогатила баш „за инает“ - но сепак, била свесна дека парите ѝ обезбедуваат независност, статусот пристап, а јавната слика контрола врз сопственото претставување. Просто - отворено сакала уметност и луксуз, плус признанието и слободата што доаѓале со тој луксуз и не гледала причина да се преправа дека едното може да постои без другото.

Тамара де Лемпицка знаела за влијанието на јавниот имиџ уште пред цели маркетинг агенции да работат околу него:

13 октомври 2026 - 11:25