Учиме за Пеги Гугенхајм

Пеги Гугенхајм е икона и една од најзанимливите и највлијателни личности во историјата на уметноста. Како поддржувач, човек од доверба, пријателка и љубовница на големите мајстори на современото уметничко движење, не ја ограничуваат општествените норми на јавниот и приватниот живот.

Родена е во 1898 и имала вроден порив да предизвикува и да поместува, што пак ѝ се нашло кога решила да си го посвети животот на прикажување уметност што е вистински иновативна и понекогаш вознемирувачка. Сакала да се разликува од нејзините роднини кои биле ориентирани на бизнис и да остави трага во светот преку своите авангардни колекции и вмешаностa во прогресивните кругови. Нејзиниот специфичен вкус и стил се гледале  во нејзините колекции, галерии и музејот.

За неа сега има филм „Пеги Гугенхајм - Зависничка од уметност“, режиран од Лиса Имордино Вриланд и oсновата за тој филм се неодамна откриените снимки од последното интервју на Пеги Гугенхајм. Снимките нудат поглед во визијата на жената која ја изменила традицијата и во собирањето уметнички дела и интеракцијата со општеството, дури и за време на лична трагедија.

Начинот на кој Пеги растела не налагал дека ќе има иднина како една од највлијателните фигури во современата уметност. И покрај тоа што немала уметничко образование, имала вродена страст за авангардно и бунтовно. Трагедијата е инаку поврзана со нејзиниот татко, Бен Гугенхајм кој загинува на Титаник, откако го подарува неговиот појас за спасување. Ова остава трајно влијание на Пеги и нејзиниот поглед на светот.

Од мала, Пеги покажува интерес за шок и бунт и со тоа станува црна овца во семејството - во школо оди со избричени веѓи, на пример. Во уметничкиот свет влегува со иновација и храброст. Во нејзината прва галерија, Гугенхајм Жон, прави изложба на детска уметност, инспирирана од љубовта што ќерка ѝ ја имала кон сликањето. Оваа изложба не само што прикажала нови таленти туку овозможила простор и за уметници како Луцијен Фројд да направат деби.

Во текот на животот Пеги наводно имала 400 љубовници, но мажите што ја привлекувале се покажувале како неверни и насилни. Нејзиниот прв сопруг, вајарот Лоренс Вејл со кој се има омажено во 1922 јавно ја понижил и физички ја малтретирал. И покрај тоа што ѝ било страв да го напушти бракот и не можела да замисли да живее независно, Пеги на крај се развела од Вејл, после две деца и шест години брак.

Во годините пред Втората светска војна, Гугенхајм живеела во Лондон, по англиски села и во Париз, каде што имала секакви романтични врски - еден од љубовниците ѝ бил и Семјуел Бекет, кој ја привлекол со нездравото однесување и постојаната алкохолизирана состојба.

За време на војната, покажала храброст и одлучност кога се ставила на мисија да собира уметност за нејзиниот нов музеј на современа уметност што планирала да го отвори во Лондон. И покрај пречките и скептицизмот, издржала и нашла пријатели и поддржувачи за да ја пренесе колекцијата на безбедно во Америка.

Заслужна е за првите шанси што ги добиле Ханс Хофман, Клифорд Стил, Роберт Мадервел, Марк Ротко, Џексон Полок и Васили Кандински.

Еден од најкомплексните односи ѝ е со ќерка и, Пегин. Љубовта кон неа истовремено била полна со негрижа и наклонетост. Како деца, Пегин и нејзиниот брад Синбад се влечеле од кај татко им, преку дадилки за кои повеќе се приврзувале отколку за родителите и сите домови на Пеги со целата низа на љубовници во нив. Пегин се борела со ужасни проблеми како депресија, алкохолизам и анорексија и си го одземала животот во нејзиниот стан во Париз на 42 години.

Меѓу сите трагедии и триумфи, Пеги се борела со сопствените несигурности и ранливости - си го презирала носот и меѓу првите направила пластична операција во обид да го измени. Било болно, па тоа ја довело до прифаќање на несовршеноста и понатаму одбивала да поправа што и да е.

Умира во 1979 на 81 година, а влијанието зборува само за себе преку современата уметност во светот.

16 април 2024 - 00:00