Оваа изјава стана вирална, но интересното во овој контекст е што ваквиот позитивен став за сопствениот изглед не е несекојдневен во животот на црните жени, барем според една анкета на 50 States of Women, спроведена од Гламур и Лореал во август, 2017-та. Од 2000 улесници, 59% од црнкињите се опишале како убави, во споредба со 32% латиноамериканки и, се разбира, последни - 25% бели жени. Повеќето црнкињи се согласиле и со изјавата „среќна сум каква што сум”, кога се погледнале во огледало.
Џин Твенџ, доктор на науки што го студира пресекот на расите и самодовербата има идеја зошто е тоа така: „Додека растат, црните девојчиња ги учат дека се силни, прекрасни, паметни и доволни - и тој мајндсет се пренесува од генерација на генерација како одбранбен механизам за справување со дискриминација. Колку си посамоуверена, толку си поопремена да се бориш со расизам.”
Анкетата се појавува во време кога светот е поделен на два поголеми табори, и некои групи измеѓу - едни по секоја цена слабеат и нонстоп слабеат, други се гордеат со својата големина. Истовремено, резултатите покажуваат дека е многу мудро со ќерки и внуки да се разговара на одреден начин, за понатаму во животот да не си ја уништуваат психата во обид да се совпаднат со кои и да се стандарди за убавина.
Новинарката Селест Литл вели, „Иако мојата (црна) култура ги слави моите колкови, бутови и стомаче и покрај тоа што имам пријатели што често ме афирмираат, пораснав во соседство и школи каде што многу малку од девојчињата изгледаа како мене. Секое лето, откако знам за себе, паѓав во агонија што сум здебелена. Понекогаш ме гледаа како убава, понекогаш не. Долго време, самодовербата ми растеше и ми опаѓаше во зависност од тие мислења.”
Сестра ѝ ѝ кажала нешто многу едноставно, а сепак свемир за многу жени денес: „А што не си го прифатиш телото такво какво што е?” Литл толку се фрустрира во моментот, што решава да ја послуша. Почнува да ја гледа нејзината опсесија со тежината, како нездрава. Научила да зборува со себе и да се третира подобро, па и да се гледа поинаку.
„Еден ден знам да влезам во трико, а друг ден, или пак друга недела одеднаш ми треба некој XXL,” вели Ријана во интервјуто за The Cut без никаква доза на иритираност или резигнираност. И нејзината самодоверба е воодушевувачка, не само затоа што е прекрасна и успешна, туку затоа што не слуша сечие мислење.
Нејзиниот коментар служи за пример, дека не само што самите треба да бидеме самоуверени на тој начин, туку треба да се потрудиме тој програм да им го инсталираме на нашите деца од мали. Треба да знаат дека се убави, на секој начин, дека се паметни, дека се умни и дека се доволни.
Би ги ослободиле од толку непотребни глупости понатаму.