Три шопинг правила за 2024

Пишува модната уредничка Аби Хепворт, за PureWow.

Колку и да се трудам, не можам никако да предвидам како ќе изгледа новата година во однос на стил. Можеби бев спремна на барби-розево и на опсесијата со ‘90-те, ама никако не верував дека монохтоматско кафеаво ќе се врати и тоа сосе сите инфлуенсери во игра. Сакам да кажам, нешто од тоа што го купив може ќе помине и во новата година, но многу работи нема. И без разлика што не можам да си ветам дека и 2024 нема да ми нафрли изненадувања, мислам дека трите одлуки што ги донесов барем ќе го намалат купчето за донации на крајот на годината.

Следење на правилото на три комбинации
Секоја година се заветувам дека ќе се воздржувам од непотребно купување, за да не завршам со плакар полн облека што не ја носам, и сметката во банка значително олеснета. Мислам дека најдов решение за пред купување нешто ново - да морам да смислам барем три комбинации со нешто од тоа што веќе го имам. Ако не можам да смислам барем три начини да облечам сребрени панталони од еко-кожа, тогаш нема да ги купам. Од вакви стапици завршуваме со „немам што да облечам.“

Повеќе играње со бои
Секогаш сум гравитирала кон живи бои и храбри дезени, но ако сум искрена, не сум знаела како да ги комбинирам во реалноста. Ми стана многу полесно да се свртам кон неутрални бои, но секогаш ми се чини дека изгледам здодевно, или како да не ми успева трендот со „тивок луксуз“. Сега наидов на идеја за консултирање речник за комбинација на бои - јапонско чудо со групи од две, три и четири бои и луѓето го користат за инспирација - го има тука и ти ја олеснува работата.

Искористување на тоа што веќе го имаш
Најдобар начин одново да откриеш што имаш е да испробуваш комбинации по дома. Пред години, правев селфи во огледало во различни комбинации и ги чував во посебен фолдер во телефон за инспирација во утрата кога не ми успеваше ништо да искомбинирам. Оваа година планирам да правам фото-дневник, со тоа што за викенди ќе си играм со плакарот и ќе видам што можам да изведам за некогаш во иднина. Со прифаќање на тие моменти, каде што дотерувањето е забавно и креативно, наспроти стресно и вознемирувачко, ќе ги засакам и парчињата што веќе ги имам, а ќе ја намалам потребата за купување ново.

Да се надеваме дека вакви правила ќе ја направат оваа година подобра од претходната.

Или можеби - најдотераната година досега.

3 јануари 2024 - 12:04