Треба ли да се пресоблечеме кога влегуваме дома?

Имате ли навика да се пресоблекувате „за по дома“ кога ќе дојдете од надвор? Ако не, може ли да ве потсетиме дека треба да размислите кој сè седел на таа клупа, тоа столче на работа, тоа седиште во автобус или такси? Со тоа ли ќе седнете дома на кауч, или скраја да е во кревет?

Има и луѓе што се пресоблекуваат исклучиво заради комфор, без да се опседнуваат со бактериите и гадотиите што се внесуваат од надвор.

Постојат одредени професии каде што се препорачува задолжително пресоблекување -луѓе што работат во здравство, во продавници, по пазари и ресторани. Не дека пресоблекувањето комплетно ослободува од бактерии, но сепак е разумно да се претпостави дека облеката што се носи на одредени работни места е поподложна на нив. Патем, на полиестер, бактериите можат да преживеат и до 206 дена, на други ткаенини до 90, па да не се занесуваме дека можеме да бидеме стерилни.

Голем удел во чистотата на алиштата има и хигиената на кожата. Не се само бактерии, облеката, косата и кожата собираат полен, мувла и издувни гасови, па едноставно е неразумно да си седиш во облеката што можеби ги прибрала од некаде.

Нема многу истражувања што споредуваат придобивки од итно пресоблекување, но принципот има смисла, особено во урбани средини. А навиката за „алишта за по дома“ е лесна за одржување и помага во одржување на чист дом, иако без лична хигиена џабе се трудиме.

Експертите се согласуваат дека миењето раце и лице е сѐ уште најуспешниот начин да се заштитиме од контаминирање со вируси, а ако ве мрзи да се пресоблекувате кога ќе влезете дома, барем обрнувајте внимание на најгадните предмети - торба и телефон. Тие знаат да носат бактерии од оставање на под во јавност, шанкови и јавни тоалети, па би било фино редовно да се чисти дното на ташните и торбите што ги носиме и да се пребришува телефонот.

23 април 2025 - 12:28