Тим Ган не е задоволен од Мари Кондо

Откако светот полуде по шоуто на онаа ситна Јапонка што средува туѓи животи по Нетфликс, Тим Ган, еден од омилените луѓе на Off Café сака да каже нешто.

Веројатно го кажува истото што го мислат многу луѓе, само што е Тим Ган во прашање, а серијата е со милионска гледаност.

Вака вика:

„Ова не сум го кажал јавно… два пати ме тераат да направам интервју со Мари Кондо и два пати одбивам. Не верувам во тоа. Едноставно не ги следам нејзините методи.”

(Аман, конечно еден да се осмели да каже нешто пред светот, наместо да сече вени по серијата.)

„Тоа со искрите радост… Имам многу книги, и дали сите ме радуваат? Речниците на пример не ме радуваат. Дали ќе ги фрлам? НЕ.”

Истовремено нè претставува сите кога ќе каже, „серијата е многу бавна.”

„Три минути гледав од првата епизода,” вели Ган, „и си реков, не можам ова веќе. Но потоа колеги и пријатели ме убедуваа да пробам, дека е навистина добра серија.”

Ова како кога те тераат да гледаш Breaking Bad и упорно не ти иде. Па, ќе потпрашаш. Па, ќе ти речат, издржи до втора сезона, тогаш почнува јакото. Па, ти се трудиш и не ти иде. Па, викаш, е кај е јакото, де? И они ти викаат „издржи до трета, тогаш е ептен јакото.” И гасиш.

„И си реков,” продолжува, „ќе ја гледам епизодата со геј двојката, двајцата писатели, имаат еден тон книги и бараат помош да се спасат од книгите. Ја гледав на четири-пет пати цела епизода. Не можам да ја истрпам! А не научив НИШТО што би можело да ми помогне.”

Значи не сме сами.

„Едно научив сепак,” заклучува Тим Ган. „Во еден момент, таа пристигнува и се однесуваат како никогаш претходно да не се виделе, а била таму претходниот ден. Единаесетти ден е, јас ќе се фрлев од балкон да ми доаѓаше Мари Кондо дома 11-ти ден. Забрзајте, луѓе!”

Инаку, ако ве интересира (а сте заборавиле) каква прекрасна гнаса е Тим Ган, еве го тука.

24 април 2019 - 17:46