-Да се живи и здрави, да ги видам, кај се?
-Не е битно.
На кратко е ова, на долго, да се потсетиме - минатата недела, жена во Јужна Африка тврдеше дека срушила светски рекорд со тоа што родила неверојатни 10 бебиња одеднаш. Сега, наводниот татко и неговото семејство се мислат дали бебињата воопшто постојат.
Тебого Тсотетси, дечкото на мајката Госиаме Ситоле, во вторникот објави написмено дека поради неможноста да дојде до Ситоле и да ги провери нејзините тврдења, смета дека не родила 10 бебиња.
„Моменталните несигурности и јавниот дискурс за десетката е голем проблем за семејството,“ пишува во изјавата, „особено во недостаток на било каков доказ за постоењето на десетте близнаци, освен пораки од мајката.“
Претходно, Тсотетси замоли да не се донираат веќе пари, затоа што Ситоле не кажува каде се децата.
Последен пат ја има видено на 7 јуни, пред да ја однесат во болницата Медиклиник Медфорум со болки.
Следниот ден добива Whatsapp порака од нејзе, во која му кажува дека родила, со помош на четири доктори, два гинеколози и пет сестри - седум машки и три девојчиња во 29-та недела од бременоста.
Но, со предупредување: дека не може да дојде да ги види, затоа што болницата не дозволува посетители, поради ковид.
„Инсистирав како татко да дојдам во болницата, да ги видам нашите новородени деца,“ рече Тсотетси во изјавата.
И ништо.
Ситоле му рекла на дечко ѝ дека ќе ја префрлат во академската болница Стив Бико за постнатална грижа и дека и таа не ги видела бебињата.
Но, да биде побизарно, проблемот не е ограничен на изјавите на двајцата родители. Во изјави за локалните медиуми, лекарите и од Медиклиник и Стив Бико тврдат дека не ја породиле Ситоле и дека не била третирана кај нив.
„Можеме да потврдиме дека ниедна од нашите институции не беше вклучена во породилната грижа за оваа пациентка или нејзините 10 бебиња.“
Директорот на Стив Бико, Матабо Матебула на телевизија изјавил дека Ситоле се појавила во медицинскиот центар во обични алишта - без деца - а се породила во болницата Луј Пастер. Но, и од Луј Пастер се јавуваат да кажат дека Ситоле никогаш не им влегла таму.
Тсотетси вели дека бидејќи не ја видел Ситоле со денови, ја пријавил за исчезната. Стравувајќи дека ќе биде првиот осомничен доколку нешто ѝ се случило, Тсотетси отишол кај адвокат и од таму ѝ напишал порака каде што ја прашува каде е и ѝ бара слика од бебињата.
На тоа, Ситоле му ја праќа адресата на болницата Стив Бико. Му кажува дека бебињата се на интензивна нега поради нивното прерано раѓање, а дека таа посетува психолог.
Таткото повеќе пати се обидел да контактира со болниците, но не можел да ја посети ни Ситоле ни бебињата. Во изјавата кажува дека сака да знае каде е и дека бара слика од сите 10 бебиња. Досега има видено слика само од едно дете.
Од пораѓањето, има видено едно селфи од Ситоле, од петокот, облечена во црно-бела наметка и не држи дете.
Останува допрва да видиме на кој му текна сево ова - семејството, докторите или медиумите?