
2017-та се опседна со шљокици, па пригодно е да ја затвориме со новата ташна rainbow french fries на Џудит Лајбер.
Тоа што светка на неа се Сваровски кристали, има ланче за на рамо и внатре има металик кожа.

Зошто помфрит?
Така.
Ви текнува на кобната ташна-капкејк во првиот дел на Sex and the City?

Тоа е Лајбер.
На Џудит Лајбер не ѝ е прв пат да дизајнира вакви чуда (а и како би ѝ било, има 96 години). Во Амстердам во Музејот за ташни го има нејзиниот кристален омаж на мачето на Хилари Клинтон - Сокс, па има ташна - аспарагус, па ташна - еж.
На сајтот на Бергдорф Гудман одма ви викаат „ако ви се свиѓа помфритов ќе ви се свиѓа и следново” па станува јасно каде лежи естетиката на Лајбер:





Инаку, родена е во Унгарија, каде што, после студиите во Лондон добила шанса да изработува ташни, вештина што ја натерала да го започне сопствениот бизнис во 1963-та. Таа е прва жена која дипломирала како мајстор на занает, со тоа станувајќи прва жена која се придружува во Унгарскиот гилд за ташни во Будимпешта.
Во 2005-та, со сопругот Герсон Лајбер отворија музеј карши нивниот дом во Њујорк, Leiber Museum, каде што се изложени и нејзините креации и неговите слики. Се обидуваат и да откупат по едно парче од сите досега продадени ташни за да ги изложат.
Бутиците се доста екслузивни, затоа што ги има само четири, и тоа на прилично неочекувани места: Џакарта, Куала Лумпур, Њу Делхи и Сингапур. Сепак, мал дел од колекцијата е достапен на места каде што можеби и стварно ќе отидете, пример, продавници како Нејман Маркус, Харви Николс и Хародс.