„Слагинг“ прави проблеми сега - главно поради идејата дека да се прекрие лицето со тенок слој вазелин звучи доста контраинтуитивно: нели ќе се исфрламе? Ако ви е многу сува кожата, одговорот е не. Всушност, наводно ќе ви ја подобри кожата.
Ама, смее ли во лето?
И уште поважно - што е бре, слагинг? Полжавење?
Еве вака:
Основи на полжавење
Според Рене Руло, која е козметичарка на славните, практиката се врти околу поправање на сува, иритирана или оштетена кожа. „Едноставно функционира - како последен чекор од ноќната рутина, дарежливо нанесете вазелин, или нешто сродно преку целото лице.“ И иако е екстремно тешко и потенцијално затнува пори, Руло забележува дека овој метод ја поправа бариерата за влага на дермисот. А зошто се вика slugging? Slug е полжав, а бидејќи ќе сјаеш од вазелинот и ќе личиш како да си мокар - ете.
Сезонско полжавење
Бидејќи вазелинот ги пополнува пукнатините во кожата за да може бариерата повторно да се однесува здраво, тие со сува и оштетена кожа ќе добијат најдобри резултати. Сепак, забележува дека ова не треба да се прави секој ден. И по можност, зимно време.
„Има повеќе влага во потоплите месеци,“ вели Руло, „па помалку испарува влагата од нашата кожа. Според тоа, бариерата не е компромитирана до толку, па вазелинот не е толку потребен.“ И кога не треба да се нанесува, како периодов на пример, доволен е и навлажнувачот за лице што го користиме.
Долгорочно полжавење
Вазелинот е безбеден и не би требало да предизвика иритација - според Руло е толку нежен, што се користи и за третирање егзема кај бебиња - но сепак не мора да значи дека ќе реши претерана сувост. „Не е долгорочно решение за поправање на бариерата, туку како ханзапласт што ќе ви помогне да се справите со симптомите, наместо да го решите подлабокиот проблем. Со тоа, имаме безбеден начин привремено да се заштити оштетената кожа, но за долгорочни решенија, секако мора да се разговара со козметичар или дерматолог.“