Експертите споделуваат што се прави, а што не, ако сакаме да мирисаме поубаво, подолго и повпечатливо.
Да не се тријат зглобовите каде што е нанесен парфемот
Парфем се нанесува на точки што пулсираат - значи и на рачните зглобови, но со тек на време како научено ни е да ги протриеме зглобовите еден од друг, можеби за да се исуши побрзо.
Не.
Ова ги „смачкува“ молекулите на мирисот и така се нарушува интегритетот на парфемот. Советот е или да се тапнат зглобовите со прст, или едноставно да оставиме да се исуши на воздух.
Прскање на сува кожа
Ако не ви трае парфемот колку што би сакале, можеби причината е што сте го прснале на суво. Подолго се задржува на хидрирана кожа, па прво треба да се нанесе лосион (и најубаво без мирис, за да не му се меша на парфемот, или ако имате среќа да има крема или млеко со мирис на парфемот, уште поубаво).
Го чувате во бањата
Не. Пареата и влагата го уништуваат и го разложуваат мирисот побрзо. Чувајте го на суво место (некои советуваат и фрижидер) и ќе трае два пати подолго.
Нанесувате во текот на денот
Ако сте ставиле парфем наутро, но не ви мириса во текот на денот, не сте сами. Но ова не значи дека изветреал - значи дека сте се навикнале на мирисот. Додавање уште во текот на денот е претерување.
Купувате парфем без да го тестирате
Ако не го познавате, гледајте да не го купите од авион, без да го мириснете, или онлајн. По опис можеби е добар, на некој друг уште подобар, ама на вас е веќе друга приказна.
Мирисате неколку парфеми еден по друг
Ова може и јасно да ви е веќе. После некое време носот е толку оптеретен и збунет, што веќе не ви ги дава потребните информации. И на дегустација на вино кога одите не е паметно да пробате пет црвени вина едно по друго.
Го чувате на дневна светлина
Парфемите можат да траат долго, само држете ги подалеку од топлина и светлина. Во темна, ладна фиока на пример им е подобро.
Имате само еден „ваш“ мирис
Сите имаме омилен парфем на кој што му се враќаме, но мирисот е толку лична работа што може да одредува расположение, па има смисла да имате неколку. Менувајте ги според тоа како се чувствувате. Сепак, има и нешто во тоа секогаш да мирисаш на тоа што те воодушевува - макар и било истото цел живот.