
Наводно, ова е голема работа по интернет, на тој што го сковал терминот името не му се знае, ама па затоа луѓето и тоа како знаат да набројат што се спaаѓа под - микропрељуба. На вас останува дали ќе го сврстите во непростливи гревови или ќе се фатите за глава од новото време.
И, што е сега новава прељуба со префикс - микро?
Австралискиот психолог и консултант, Мелани Шилинг неодамна го дефинираше како "серија наизглед ситни активности кои покажуваат дека личноста е емотивно или физички фокусирана на некој надвор од врската."
Според Шилинг, оваа форма на неверство влече корени од тајновитост и измама. Се сведува на тривијални однесувања кои може да покажуваат дека партнерот не е скроз посветен на врската. Или, како што ќе каже Urban Dictionary уште во 2008-ма: "кога некој вара, ама само малце."
Ух, како ова македонски звучи!
Кои се знаците?
Иако физичката прељуба е далеку полесна за дефинирање, оваа од микро тип - како и кај емотивните афери - не е ни ваму ни таму. А сепак, можат да се набројат примери, чисто за да видите дали ве има:
- Лажете дека (не) сте во врска;
- Опсесивно проверувате нечиј профил на социјални мрежи;
- Се допишувате или контактирате со некого без да знае вашиот партнер... и ги маскирате доказите за тоа;
- Имате некого запишано со "име на другар/ка" во телефон;
- Комуницирате со поранешен љубовник во живо или на социјална мрежа;
- Споделувате тајни со некој што ве привлекува, а е надвор од врската.
Дали уништува врски?

Па. Не е наше да прифаќаме дали постои или не - очигледно постои. Останува човек сам да одлучи дали горенаведеното ќе биде проблем или едноставно, некои работи ќе си ги чува само за себе - плус ќе прифати дека такви ќе има и партнерот. Сепак, не треба да се запостави фактот дека микро-прељубата може да е зачеток на други форми на неверство. Не мора да значи, ама може. Затоа останува важен вечниот совет: да се разговара отворено.
Исто така, наместо да дозволите овој нов термин на денот да ви стави чивија, можеби е пофино да го искористите за зацврстување на врската и отворено поставување на граници со партнерот. Што на вас би ви пречело од ова?