Тарантино веќе некое време тврди дека десеттиот филм ќе му биде последен, или дека ако наполни 60 пред да го направи, ќе се повлече од режирање комплетно.
Сепак, 60 наполни на 27 март, ама потврди и дека сепак ќе прави 10-ти филм - ќе се вика The Movie Critic.
Проектот е во рана фаза на развој и прв пат е спомнат во Холивуд Репортер. Тогаш се појавија и гласини дека ќе биде конкретно за критичарката Полин Кел и дека ќе ја глуми Кејт Бланшет.
Тарантино веќе расчисти некои од гласините, па сега знаеме дека дејствието ќе се одвива во 1977 - важна година за филмот како уметност, во која излегуваат „Војна на ѕвездите“ и „Блиски средби од трет вид“. Во тој период и излегуваат новите њу-вејв ѕвезди: Мартин Скорсезе, Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Френсис Форд Копола и Денис Хопер.
Филмот ќе го гледаме низ очите на критичарите и комплицираната врска што ја имаат со Холивуд.
Ако протагонистот е Полин Кел тогаш се работи за позната критичарка и есеистка, чиј опасен став ѝ заработил многу непријатели во Холивуд во ‘70-те. Уредниците се расправале со неа, но сепак успеала да добие работа како консултант во Парамаунт по препорака на Ворен Бити. За Тарантино се знае дека ѝ е фан, но не потврди дали се работи за неа.
Не се знае кои актери ќе влезат во екипа, но му ги знаеме фаворитите: Леонардо Дикаприо, Семјуел Л. Џексон, Бред Пит, Кристоф Волц, Ума Турман. И името на Марго Роби се фрла во дискусијата, после соработката на „Си беше еднаш во Холивуд“.
Не е потврдено ни кога ќе го видиме - Тарантино е на шопинг по студија што би го подржале. Последниот филм му го дистрибуираше Сони и беше хитиште, па можно е пак да бидат тие. Но, ако ја следи истата шема како „Си беше еднаш...“ тогаш може ќе го спреми до Кански филмски фестивал, 2024.