Што ќе каже зумер на „Сексот и градот“?

Очекувавме да изначитаме кукања за застареноста на серијата и ултра-навреденост за некои појави, ама Рајан Филип од Вог, со своите 23 години едноставно - изгледала и кажала. Патем, серијата има 25 години.

Го пропуштив возот за „Сексот и градот“, не ја гледав кога излезе - главно поради тоа што буквално бев фетус кога излезе првата епизода во 1998. И мислам дека потсвесно ја одлагав првата епизода затоа што мислев дека ќе се опседнам и ќе ја изгледам серијата за два дена.

Но, за да се испочитува 25-годишнината, добив задача да ја изгледам како за прв пат, за Вог и не можев да го одложувам неизбежното. Многу се радував што конечно ќе дознаам што е фамата: Да уживам во модата, да ги живеам фантазиите за Њујорк преку овие четири жени, да дознаам дали сум Кери, Миранда, Саманта или Шарлот (Спојлер: Не сум ниедна).

Со 25 години доцнење, еве што мислам за првата сезона од „Сексот и градот“.

Уживам да ја мразам Кери
Новинарка во големиот град, со зависност од чевли - сфаќам. Сепак, не ги сфаќам некои од заклучоците во нејзините колумни. Еве, втора епизода, каде што истражува зошто некои мажи излегуваат само со манекенки. На крај, друштвото ги оговара, алудирајќи дека се празноглави женски, што немаат вистинска работа. На крај изгледаат како pick-me девојки - жени што постојано бараат валидација од мажи дека „не се како другите девојки“. Наместо да се фокусира на мажите, колумната на Кери требаше да се фокусира на жените и да праша зошто се во врски со вакви просечни типови. Како успеале да фатат манекенки?

Со сексуално вознемирување се справуваат многу несериозно
Во третата епизода, Кери посетува пријатели-брачен пар - иако признава дека се дружи со нив само заради куќата во Хемптонс. Сосема неочекувано, мажот се прошетува пред Кери без гаќи додека таа оди кон бањата. Прво, Кери, како што со право ќе заклучиме денес, доживеа сексуален напад со ова, на место што го сметаше за безбедно. Второ, жената ѝ беше лута нејзе, и покрај тоа што таа беше жртва. Трето, се изненадив на сцената кога им раскажува на другарките како ништо да не се случило, а Саманта прашува „И, колкав му беше?“

А во втора епизода, среќаваме пријател на Кери што ги снима сите манекенки со кои што спие. Кери го смета ова само за „малку чудно“. Саманта го гледа како можност да бустање на его, дури и има секс со човекот за да ја снима. Не само што е гадно, туку и нелегално.

Серијата не го претставува Њујорк во 1990-те реално
Јас не бев граѓанин на Њујорк на почетокот на милениумот, но сигурно и тогаш, како и сега, бил еден од најизмешаните градови на планетава. Според пописите во 1990 и 2000, 56,8 проценти од популацијата била етнички разнолика, а 25% од градот се идентификувале како црни/Афроамериканци. Во цела прва сезона, избројав седум не-бели ликови, сите во мали улоги со по една реплика.

Саманта е пред своето време
Таа не е ничија девојка и нонстоп го докажува тоа. Ако ја гледаш серијата после третиот (и четвртиот) феминистички бран, Саманта не е многу радикална. Нејзиниот опуштен став за сексот и врските е толку вообичаен сега што едвај и да трепнав на нејзиното однесување. Како и да е, навистина е пред своето време - морав да се потсетувам дека серијата е од 1998, време пред апликации, кога сексот без обврски и менувањето партнери било сè уште релативно табу. Од друга страна, ја имаш Шарлот која се пенави по идејата за совршено, нуклеарно семејство (и суди на сите што не го сакаат тоа). И од карши - Саманта, не се замара и гордо завршува во чиј кревет сака, па општествените очекувања кој ги врти. Омилен момент кај неа ми беше забавата за немање бебе - одличен пример за гордеење со изборот да нема деца.

Дали на Биг воопшто му се допаѓа Кери?
Кавалер е, ама не на секси начин. Не ми е возбудлив тој топло-ладен однос што го има со Кери, напорен ми е. Никогаш не кажува како се чувствува и вешто ги избегнува можностите да каже. Зошто е сè така тајновито и нејасно? Особено во првите неколку епизоди, очекував да излезе дека е женет. Кога ја изгледав сезоната, неговиот лик стана појасен, но сепак имаше нешто иритантно кај него.

Некои заклучоци...

  • Серијата е многу брза. Да трепнеш, ќе пропуштиш поминат дечко. Веројатно е тоа дел од прикажување на таа енергија на аспиративен њујоршки лајфстајл од фантазиите. Како гледач, ти се чини дека четирите жени водат неверојатно важни животи, полни трачеви, забави и секс-авантури.
  • Чудно ми е што главните ликови, кои не се негативци пушат пред камера.
  • Косата на Кери е прекрасна - се изненадив што гледам дека си ја прифаќа витканата коса.
  • Рушење на четвртиот ѕид (зборување директно во камера) е многу ‘90-ти.
  • Каква фантастична музика за шпица.
  • Миранда го третира Скипер исто како што Биг ја третира Кери.

-Рајан Филип, Вог

3 јули 2023 - 11:03