Што е тоа што никој не го сака?

Новиот хит на Нетфликс Nobody Wants This навистина е романтична комедија, ама нема врска ни со Pretty Woman, ни со Runaway Bride.

Првата сезона на Nobody Wants This е сè уште меѓу топ 10 најгледани содржини на Нетфликс, а продуцентите веќе најавија дека ќе има и втора. Но, што е тоа што никој не го сака, ако очигледно сите сакаат да ја гледаат романтичната комедија со Кристен Бел и Адам Броди во главните улоги, па уште во две сезони?

„Никој не го сака ова“ е наслов на серијата и наслов на подкастот за секс и врски кој Џоен (Кристен Бел) и сестра ѝ Морган (Џастин Лупеј) го имаат, каде што дискутираат за односи со мажи и откриваат многу за своите приватни животи, сѐ додека Џоен не се вљуби во Ноа - рабин од локална синагога.

На постерот за серијата што изгледа како сите други што ги имаше за романтични комедии од ‘90-те, пишува Will they? Won’t they? Should they? но сепак, ако очекувате таква приказна по формула - нема да ја добиете.

Помодерно е, подуховито, напишано за телевизиски формат што опфаќа 10 епизоди од по околу триесет минути - па и со самото тоа е нешто поинакво.  Нема друга жена, друг маж, нема класни разлики и на прв поглед, не постои причина овие два лика да не бидат заедно. Сепак, тој е тазе раскинат, амбициозен рабин кој има желба да стекне титула „главен рабин“, а таа оговара бивши во подкаст. И не е Еврејка, како неговата поранешна девојка.

Ете на што ќе се сопнуваат. Тоа и неговото семејество, па и нејзиното (освен Саша и Морган кои може се и најзабавни ликови во серијата). Наспроти неговите традиционални родители, нејзините се разведени затоа што таткото на Џоен во текот на животот сфатил дека е геј, но тоа и не е така проблем за семејството колку што станува пробле фактот што допрва научил како се покажуваат емоции - а ги покажува кон партнерот, не и кон ќерките.

Го има тој момент што денес, во поново време се нарекува токсичен - толку својствен за старите романтични комедии. Се работи за оние конфликти што настануваат од недоразбирања. А сепак, приказната е осовременета по тоа што ова го има многу малку - нема лажење, криење, отфрлање себе - ова последново ич го нема затоа што е преголема инвестицијата во себе. Ништо не е премногу радикално и не треба да биде - едноставно сите сакаат да видат што ќе се случи со рабинот и водителката на подкаст. Затоа и ќе има втора сезона.

-Мирјана Наранџиќ, Велике приче

14 октомври 2024 - 11:52