Што бараат деца во Сефора?

Сè повеќе има мали и големи тинејџери опседнати со шминка и нега на лице, а со тоа и сè повеќе загрижени родители  и дерматолози.

Кој има ТикТок може и знае - има млади со темелни објаснувања и демонстрации на нивните рутини за нега на кожа, со еден куп производи пред нив и деца што едвај имаат по 10 години купуваат анти-ејџ производи со потентни состојки како ретинол и ексфолијациски киселини. Овој раширен интерес кај генерацијата Алфа (родени меѓу 2010 и 2025) предизвика реакција дури и кај еден од нивните омилени брендови Дранк Елефант на Инстаграм, каде што дискутираа дали тинејџери и пред-тинејџери смеат да ги користат нивните производи. И одговорот тежнее кон да, но сепак советуваат да се внимава и барем да се држат понастрана од производи со киселини и ретинол затоа што кожата едноставно не им бара такви работи.

Загрижува и што многу млади купувачи во јата се собираат по големи парфимерии и се непријатни кон вработените. Хаштагот #sephorakids покажува еден куп видеа каде што некој се жали од нивното однесување. Дури и дерматолози се вклучуваат, затоа што состојките во кремите против брчки можат да бидат непријатни за младата кожа и да доведат до сувост, иритација, па дури и периорален дерматит.

Сепак, не збеснуваат сите деца - има и такви што само истражуваат што има во тој свет на шминки, креми и маски. Оваа маѓепсаност не е ни толку нова затоа што имаме генерација која има уникатно влијание од социјалните мрежи и производите што ги одобруваат славните со прикажување на избрани слики и туторијали што ги оформуваат нивните стандарди за убавина.

Некои загрижени родители активно разговараат со децата за инфлуенсерите и славните личности, за да им помогнат да ја препознаат мотивацијата зад спонзорираните содржини и важноста на прифаќањето на природната убавина. Психолозите советуваат фокусирање на внатрешната убавина - да се потсетат и децата и возрасните дека вистинската убавина, колку и да звучи клише - навистина доаѓа однатре, не само од производи и рутини.

Само, дали на социјалните мрежи бројот на инфлуенсери што зборуваат за внатрешна убавина ќе го надмине бројот на тие што се враќаат со вреќи полни Сефора

Тешко.

7 март 2024 - 00:00