Шеќерна волна наместо бидермаер е одлична идеја

Знаете дека еден бидермаер може да чини стотици евра, или гајле ви е, затоа што, по некое правило - кумовите го купуваат? А досаден до бесвест. Ама затоа шеќерна волна!

Некои невести се ужасни, ама некои се врв над врвовите.

Фахима Шодури, инаку сопственичка на Unicorn Crafts, бренд со онаква слатка облека, додатоци и секакви ситници, е истовремено и фан на шеќерна волна, па кога дошло време за венчавање, решила дека повеќе сака да држи благо во раце, отколку цвеќе. И се разбира, благодарение на Инстаграм, ова станува тренд - од поубавите.

Сега, зошто и вие да го изберете тоа слатко, и мора да признаете малку бизарно благо (развлечен шеќер на конци во боја со неверојатно пријатен вкус?) наместо букет од цвеќиња?

Затоа што цвеќињата се скапи. Дупло, тродупло поскапи за бидермаер, отколку да ги купиш онака. Нели, пишувавме и порано за лукративната свадбена индустрија и како фирмите знаат да ги опељешат луѓето, само затоа што се возбудени околу „големиот ден”.

Затоа што веројатно ќе ви текне дека темата „шеќерна волна” може да се рашири на повеќе аспекти од свадбата. Торта, бомбони, покани (добро, тоа со памук), украси, карактеристичните бои, атракција со мотање на сред свадба…

И се разбира, сигурно повеќе ќе се памти, отколку стандардот.

И ќе биде повкусно од стандардот.

Таква машина на интернет чини често помалку од 100 евра, а ако сакате нешто посигурно, веројатно 200. Освен што ќе ги покриете сите горенаведени фини моменти, имате и инвестиција - шеќерна волна во секое време, по дома.

Некако, многу јако, нели?

16 јули 2019 - 13:47