Сега и вие можете да имате нозе до врат

Ви фали само еден мал, глуп детаљ.

Не сте задоволни од висината? Изгледате како ступче за велосипедска патека во Скопје кога ќе облечете кратки панталони и чизми? Без гајле.

Постојат вештачки папоци, се продаваат и можете да си ги залепите некаде погоре над вашиот роден папок и визуелно да ги издолжите нозете.

После тоа е доволно само да ја кренете сукњата или панталоните повисоко, и ако не се чувствувате глупо, да излезете и да ги прошетате новите, визуелно издолжени нозе.

Трендот прво почнува во Кина, па метастазира во САД, преку иБеј - за само 8 долари од лист полн тетоважи од папок. Има дури и пред/после фотографии.

И ТикТок е опседнат. Од таму воскликнуваат дека „секоја убавица има два папока“и изговорот е дека, иако можеби „изгледа будалесто“, сепак е поевтино од процедурите за хируршко издолжување на нозете. Во јуни годинава, уморен дека го вреѓале дека е низок, еден Динзел Сигерс од Атланта, Џорџија има дадено 80.000 долари на операција за издолжување на нозете и вели дека сега се чувствува како нов човек.

Ако светот ни се распаѓа по шавови, ова ли е папокот на светот?

3 октомври 2023 - 15:33