Сега, другарки се, или не?

Ким Катрал вика не. Сара Џесика Паркер исто. Само што, според вторава, не било отсекогаш така.

Во моментов, светот е поделен на три групи во однос на „Сексот и градот 3”. Тие што патат од неизвесноста и засекогаш ќе ја сметаат Ким Катрал за „жената што му го одзема третиот дел на светот”, тие што се пресреќни што не мораме да гледаме уште продолженија од „таа бљувотина” и тие што ич не ги интересира.

Во интервју со Пирс Морган, Ким Катрал со една реченица им ги сруши илузиите на сите религиозни следбеници на серијата со тоа што кажа дека никогаш не била пријателка со колешките, туку едноставно, само работеле заедно.

Сара Џесика Паркер, во емисија кај Енди Коен, со кој една недела без престан ја преболувала изјавата, објаснува дека воопшто не го доживеала тоа така.

Третиот дел, инаку не е скроз мртва идеја: можно е да ја заменат Ким Катрал, или барем некако да ја решат приказната околу Саманта. Паркер рече:

„Мислам дека откако сите ќе го поминат периодот на жалење, тогаш [продуцентот] Мајкл Патрик [Кинг] ќе може да се наврати на тоа и да размисли што би можел да направи и во кој правец би можел да продолжи.”

Значи:

Нова Саманта, што би било исклучително тешко да се протне.

Мртва Саманта, што би фрлило еден непријатен облак врз целото дејствие.

Отсутна Саманта, што само ќе ја слушаат на телефон или во мејлови, што би било килаво, ама можеби и најпријатно решение.

5 февруари 2018 - 11:52