
Според податоци од повеќе туристички компании и анализи на пазарот, од сите соло-патници, жените се мнозинство. Компанијата Intrepid Travel наведува дека жените зафаќаат околу 80 проценти од клиентите кои патуваат сами, трендот продолжува да расте од година во година, а истовремено туристичките агенции бележат зголемен интерес за патувања наменети токму за жени кои сакаат да истражуваат самостојно, но во безбедна и организирана средина.
Ако гледаме површно, причината е јасна - побезбедно е жена сама да патува отколку пред 50 години, плус жените се финансиски независни повеќе од кога и да е. Но, сепак, експертите сметаат дека зад овој тренд стојат подлабоки општествени промени.
„Ако не сега, кога?“ е прашањето што сè почесто го поставуваат жени во средните години, вели Лиз Ајнбиндер од туристичката компанија Backroads. Според неа, многу патнички не ги води само желбата да видат нови места, туку и потребата да ја искористат оваа фаза од животот за нови искуства и личен развој.
Дел од објаснувањето лежи и во животните промени што често се случуваат по 35-тата година. Децата растат, кариерите стануваат постабилни, а многу жени поминуваат низ развод, промена на професија или период во кој имаат повеќе време за себе. Наместо да чекаат партнер, пријатели или семејство да ги усогласат своите распореди, тие едноставно одлучуваат да купат карти, да резервираат хотел и да тргнат.
Патувањето сама, според психолозите, а и искуствата, носи и чувство на автономија што ретко се доживува во секојдневниот живот. Нема компромиси околу дестинации, ресторани или активности. Денот се одвива според сопствен ритам, а токму тоа многу жени го опишуваат како една од најголемите придобивки.

Интересно е што современото соло-патување не значи нужно осаменост - напротив - туристичката индустрија развива нови модели кои комбинираат независност и дружење. Во пораст се мали групни тури, женски патувачки заедници и специјализирани програми за соло-патници. Истражувањата покажуваат дека многу жени сакаат сами да донесат одлука да отпатуваат, но истовремено ценат можност да запознаат нови луѓе по пат.
Секако, безбедноста останува важно прашање, па токму затоа некои земји и туристички организации почнуваат да воведуваат специјални програми насочени кон жените кои патуваат сами, од проверени сместувања до дополнителни безбедносни услуги.
Она што можеби најмногу се менува не е самото патување, туку општествениот однос кон него. Пред неколку децении, жена која сама патува на одмор можеби ќе предизвикаше изненадување. Денес, на тоа се гледа како на дел од поширок тренд во кој патувањето не е награда што доаѓа кога сите други ќе бидат слободни, туку нешто што човек може и треба да си го дозволи - сам.