Сатира на машкоста

Вистинските мажи не се токсично машки.

Штотуку научив што е токсична машкост и ми се чини дека морам да им кажам нешто на браќата мажи - мораме повеќе да се потрудиме. Од нас зависи да бараме одговорност еден од друг. Затоа се колнам, дека ако видам дека некој од моите пријатели се однесува токсично машки, ќе го скршам од мавање.

Вистинските мажи мразат токсична машкост. Вистинските мажи разбираат дека ствари од типот на концептот на „вистински маж” се само начини патријархатот да се одржи и се всушност штетни за сите мажи.

Ви кажувам, кога гледам како маж збеснува затоа што претходно го учеле дека не е во ред мажите да изразуваат било каква емоција освен бес, ме тера да… Ме тера да удрам бокс во ѕид!

Мажи, мора да прифатите дека импулсот да доминирате со тие околу вас е крајно деструктивен и не сакам да чујам ни збор од тие што не се согласуваат.

На лично ниво, тоа што научив што е токсична машкост, ме натера да размислам за моето однесување и уверувања, ама не ми се збори за тоа. Ништо не ми е. Реков, ништо не ми е! ОСТАВИ МЕ НА РААТ, МОЖЕ?

Време е мажите да се соберат и да најдат муда да престанат да се изразуваат на начин на кој машкото тело се поистоветува со сила, а женското со слабост. Само пичка може да земе дел од човечката анатомија и на најнефер начин да го претвори во симболичен дерогатив.

Размислете вака: Како би се чувствувала вашата мајка, жена или ќерка, ако дознаат дека сочувствувате со жени само ако имате некаква лична конекција со нив?

Дечки, никогаш нема да фатите девојка ако не престанете со таа хетеронормативност. Никогаш нема ништо да легнете ако женските знаат дека мислите дека вредноста на мажот зависи од тоа колку често има секс. И како ќе храните семејство ако имате застарени очекувања за улогата на мажот во бракот?

Што, толкави плачковци сте, па ви е страв да се соочите со сопствената длабоко вкоренета токсична машкост? Ќе плачете што се бара од вас одново да си го испитате концептот за родови норми? Мајка ви сакате да ви дојде и да ви помогне да се справите со идејата дека мажите треба нонстоп да можат да се потпрат на себе?

Многу е важно мажите да научат дека е во ред да се побара помош и од други луѓе, и МЕНЕ НЕ МИ ТРЕБА НИКАКВА ПОМОШ ЗА ДА ГО СФАТАМ ТОА - МОЖАМ САМ.

Ако мислиш дека грешам околу токсичната машкост, те предизвикувам на натпревар во пиење. Ќе пиеме шотови вотка и ако прв повратиш, мораш да признаеш дека е реален проблем што мажите се социјализирани да се впуштаат во ризично, самоуништувачко однесување. Ако повратам јас прв, можеш да ме удриш во јајца.

-Лук Бурнс, Њујоркер

22 март 2019 - 11:44