Сарторијална студија за Леди Троубриџ

Уна „Леди Троубриџ“ Винченцо е препознатлива по мазната боб-фризура, по смокингот и моноклот - била авангардна аристократка и омилена тема на трачерските списанија во раниот 20 век, кои се хранеле од ексцентричната англиска елита.

Многу од она што се знае за Уна денес е од приказните објавени за нејзиното спојување со Маргерит Антонија Радклиф Хол, која има создадено значајни дела во лезбејската литература. Хол често и се претставувала како Џон, наместо Маргерит и иако главно нивната врска била во фокус, самата Леди Троубриџ била позната како вајарка, преведувачка и заштитничка на уметностите. Како преведувачка успеала на англиската публика да ѝ ја донесе француската авторка Колет.

Како млада, Уна се омажила за Адмирал Сер Ернест Троубриџ, човек што бил 25 години постар од неа и ја внел во горните ешалони на британското општество. Родила ќерка, но адмиралот често бил на море, па во 1915 се запознала со Радклиф Хол, што тогаш ѝ била љубовница на роднината на Уна, Мејбел Батен.

Веднаш се вљубиле и почнале врска. Мејбел умрела една година подоцна, оставајќи ја Уна уништена од чувство на вина и постојано во потрага по простување од неа, макар и преку медиуми и сеанси за комуникација со мртви.

Во меѓувреме, адмиралот ја толерирал блиската врска на жена му со Хол неколку години, додека после една караница не решиле да се разделат, што пак веднаш се дознало во јавноста.

Во раните 1920-ти, Троубриџ се префрлила на облека по мерка, слично на машката гардероба на Хол. Моноклот за кратко ѝ станал заштитен знак и со тек на време станал дискретен симбол за лезбејски идентитет.

Андрогиниот стил почнал да влијае низ Велика Британија. Често се заборава и дека втората уредничка во историјата на британскиот Вог била жена со име Дорти Тод, која лезбејка што се носела машки. Подоцна, Троубриџ почнала да се облекува поженствено, што пак ја надополнувало Хол, како да прифатиле традиционални родови улоги во нивната врска. Биле дел од кругот на лезбејки и бисексуалки во раниот 20 век, каде што се движеле и Вита Саквил-Вест и Вирџинија Вулф. Како пар не го јаделе стапот колку остатокот од ЛГБТ заедницата, бидејќи биле од високото друштво - поголем проблем биле доказите дека Троубриџ (може да) била предвоен симпатизер на Нацистичката партија, исто како и членови на кралската фамилија и елитите од кои некои и го следеле Хитлер додека не се откриле реалните хорори пред светот.

Врската им траела до смртта на Хол, но сепак, Хол во 1934 се вљубила во Евгенија Сулин, руска емигрантка, и започнале врска што Троубриџ нерадо ја толерирала. По смртта на Хол, Троубриџ ги земала и ги преправила нејзините костуми по своја мерка и продолжила да ги носи.

Денес, историјата на Леди Троубриџ е матна, но модниот импакт останува. Нејзината игра со стилот ја прави муза во 21 век - во 2007, Јоши Јамамото извади колекција каде што неколку комбинации беа директно инспирирани од неа. Во 2019/2020, Том Браун се инспирираше од Леди Троубриџ и на манекенките им даде да носат монокли.

Нејзиниот изглед, кој се карактеризира со одреден отпор кон конвенционалните норми, се огледува во комплексностите на нејзиниот живот како книжевна фигура, член на високото друштво и ЛГБТ заедницата. Стилот на Леди Уна Винченцо, Леди Троубриџ е многу повеќе од обичен израз на личен вкус - се работи за детална рефлексија на нејзиниот идентитет, ерата и круговите во кои се има движено.

8 април 2024 - 00:00