Родител на дете со Аспергер да ви каже нешто за Грета

На првиот настап на Грета Тунберг, светот се подели на два дела - тие што разбраа и тие што не разбраа за Грета. Со новава актуелност - сите разбраа. Сегa поделбата е „Грета форевер” наспроти - местено е. И такви помеѓу, на кои не им е баш пријатно што, колку и да е очајно време дојдено, не е фер да се користи дете со Аспергер за каква и да е цел, и сега ќе видите зашто.

За неупатените (кои се некако најбучни во желбата да се слушне нивното мислење), Аспергеровиот синдром е пореметување (иако има несогласувања околу терминот 'пореметување') од аутистичкиот спектар. Или за широки народни маси, ќе го објасни еден родител, во твитер-нишка за Грета Тунберг.

Немав намера да го правам ова, затоа што не сакам да споделувам премногу лични информации на интернет, но последното видео со Грета Тунберг зема пресилен замав. Не ми е гајле што мислат луѓето за климатските промени, но сакам да разберат што се случува со оваа млада дама.

Имам дете со високо-функционален аутизам (познат и како Аспергер). Не секој човек со овој синдром ги искусува сите ефекти како резултат на него и ефектите варираат во однос на степен. Понекогаш не се ни забележува дека некој има Аспергер од прва, но со тек на време ќе се појави.

Две карактеристики кои често се повторуваат во сите случаи се „буквализам” и „ригидност” на мислата. Исто така, често се случува и хиперфокус на конкретни теми. Аспергеровиот синдром е познат и како болест на „малите професори” затоа што децата со Аспергер можат да станат експерти на конкретни теми.

Причинско-последователниот принцип и емотивното разбирање се тешки за лицата што имаат Аспергер, особено кога се деца. Многу строго следат „правила” откако самите ќе си ги постават во глава. Ова се врзува со ригидноста.

Ако лицето со Аспергер постави одредени „факти” во главата, тоа е многу фиксирано. Толку многу, што дури и контра-фактите што им се претставени се отфрлаат во корист на претходно втемелените „факти.” Ако продолжи контра-информацијата, човекот станува фрустриран. Фрустрацијата се претвора во повреденост и лутина, поради буквализмот, ригидноста и начинот на кој нивните умови се закачени за правилата и информациите што тие веќе ги оцениле како конкретни. Конкретниот факт е често првиот „факт” на одредена тема што ќе го чујат.

Е сега, замислете човек со вакви предиспозиции да чуе за прв пат дека 1) атмосферата на земјата се загрева неверојатно брзо, 2) луѓето го предизвикуваат ова рапидно загревање и 3) целата планета ќе умре ако не го поправиме ова за 12 години.

Овие три работи, за човек што не се наоѓа во Спектарот може да се мерат, евалуираат и да се ставаат во перспектива. Контра-аргументите можат да се разгледуваат и очекувањата можат да се адаптираат. За човек со Аспергер ова не е лесно (понекогаш е и невозможно) да се постигне. Ги имаш и анксиозноста затоа што ти кажале дека ќе умреш, во комбинација со анксиозноста и фрустрацијата дека некој ти сервира контра-факти кои ти се мешаат во твоите втемелени „факти” и  импликации од буквалното сфаќање на работите. Родителите на деца со Аспергер со ова се борат секој ден. Како да понудиш перспектива и флексибилност на размислување на личност чиј ум бара буквалност и структурирани „факти” (затоа некои луѓе од спектарот одлично кодираат)? Одговорот е дека треба трпение. Демонстрација на безбедноста на исклучоците од правилата, и алтернативи.

Кога ја гледам г-ца Тунберг, ја гледам целата фрустрација на моето дете, со 0 обиди да се создаде перспектива и флексибилност на размислувањето. На некој начин, луѓето од спектарот знаат да изгледаат и роботски поради нивниот ригиден мајндсет, но не се. Фрустрани се, повредени и лути.

Мене нејзината ригидност ме унесреќува. Но, тоа што ја гледам нејзината фрустрација и солзи во ОН ме лути. Тие што ја фрлаат на сцена за овие теми треба да се срамат. Таа не е робот. Нејзините уверувања се под влијание на Спектарот кој ги врамува.

Ја ставаат во ќошеви низ кои нејзиниот ум тешко може да управува, и тоа само ги потхранува нејзините стравови (буквално од смрт) и фрустрации со кои нејзиниот ум не се справува како остатокот од хаотичниот, сив, емотивен свет. Пациентите со Аспергер мораат да научат да управуваат со овие области.

Овие области се инстинктивни за луѓе што не се во Спектарот. Без разлика какво е вашето мислење на темава, запаметете дека гледиштето на г-ца Тунберг не е исто со вашето. Некој треба да ѝ помогне да управува со ригидноста и анксиозноста, не да ја користи како реквизит.

Сега откако знаеме, веќе можеме да размислуваме дали е во ред да се искористува човек (а и дали е воопшто искористување?) на кој очигледно му треба поинаков пристап отколку на останатите инволвирани во овие теми, за нешто што реално стварно треба панично да се решава.

На Грета Тунберг треба да ѝ се помогне да управува со симптомите што ги предизвикува нејзината ментална состојба. Но, ако истовремено го доближува најголемиот проблем што сме го имале во историјата на планетава и до најшутото и најрогатото, тогаш, дали „народот” треба да одлучи што треба да прави Грета?

24 септември 2019 - 13:28